Што е поважно – писателот или делото?

Ставовите на Петер Хандке беа причината поради која Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Албанија, Турција, а вклучително и Северна Македонија минатата година го бојкотираа доделувањето на Нобеловата награда за литература и одлучија да не испратат свои амбасадори на церемонијата во стокхолмската „Концертна куќа“.

Писателот или делото, што е поважно?

Сега веќе нобеловецот Хандке, преку своите ставови со кои го негира геноцидот во Сребреница и го поддржува режимот на Слободан Милошевиќ го отворија прашањето за тоа дали писателот или неговото дело е поважно, но и прашањето за оправданоста на одлуката тој да биде добитник на минатогодишната Нобелова награда за литература.

Тогаш, по повод бојкотот, министерот за надворешни работи, Никола Димитров се огласи на „Твитер“:

„Мора да се спротиставиме на негирањето на геноцидот. Му дадовме инструкции на амбасадорот на Северна Македонија во Шведска да не учествува во церемонијата за доделување на Нобеловата награда на Хандке.“ – напиша тој.

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, по однос на одлуката на Македонија да се бојкотира доделувањето на Нобеловата награда на Хандке, истакнува дека таа е резултат на личните фрустрации на министерот, но исто така дека станува збор и за политика утврдена на највисоко владино ниво, која не е ништо друго, туку отворен врховизам.

Во врска со статусот на Димитров на „Твитер“, Стоилковиќ за Радио МОФ изјави:

„Позерот Димитров, покрај стручност од „општо познавање“ има и сериозни познавања од областа на книжевноста, па затоа и не прочитал ништо од богатиот книжевен опус на Хандке.“

Стоилковиќ истакнува дека не треба да се заборават нападите на Димитров кон Србија и кон српскиот народ, со што вели дека мотивот за одлуката за бојкот би можел да лежи во единствената можност за министерот да си го покаже своето негативно, вистинско лице коe има ставови под нивото на кафеанско однесување какво не памети македонската дипломатија, а под наметката на т.н. „блазираност“.

Во однос на тоа дали бојкотот ќе влијае врз односите помеѓу Македонија и Србија, Стоилковиќ при разговорот ни изјави:

„Регионалната соработка и стабилност мора да се чуваат така што во тој контекст грешките ќе се паметат, а фактурата во меѓудржавните односи порано или подоцна ќе се испостави. За жал од неодговорни политичари нема да можеме односите помеѓу народите и граѓаните да ги подигнеме на уште повисоко ниво, какви и се очекувањата на граѓаните од двете страни.“ – вели Стоилковиќ.

Од друга страна, новинарката и колумнистка, Ида Протугер го поздрави потегот да се бојкотира доделувањетo на наградата:

„Да, во Сребреница имаше геноцид и ние сме против Милошевиќ – тоа е политички одговор и државата покажува став.“

Кога се поставува прашањето дали одлуката за доделување на Нобеловата награда за литература треба да го земе предвид само творештвото на авторот или целокупната негова личност, книжевникот Ненад Стевовиќ смета дека би требало да се цени целокупната авторска личност, за кое, пак, Протугер вели дека тоа е „лизгав терен“ во етичка смисла.

„Творештвото треба да се одвои од личноста, затоа што ако се дава награда само на „доблесни“ творци, таа нема да рефлектира став за творештвото и многу е проблематично некој да цени што е доблесно, морално и исправно.“

Протугер, наведувајќи ги песните и музиката на Морисеј, кои нејзе лично и’ се допаѓаат, но, не и неговите ставови, посочува дека ставовите не го прават достоен за почит како човек, но, таа ќе продолжи да го уважува неговото творештво, слушајќи ја неговата музика. Со ова, ја подвлекува паралелата, прашувајќи се:

„Ако некој творец не искажал поддршка за одреден крвник како што тоа го стори Хандке, но дома врши семејно насилство врз партнер, деца, дали е доблесен да му се укаже чест со награда? Колку доблесно е потребно за да се стане „достојна“ личност за награда?“

Што се однесува до Комитетот што ги доделува Нобеловите награди за литература, Протугер вели:

„Ако се погледне наназад, контраверзноста во нивните одлуки е повеќе правило отколку исклучок, тука се и обвинувањата за преферирање на западни автори, како и наградата на Дилан која беше во контроверзите, така што оваа награда станува се’ помалку престиж бидејќи авторитетот на доделувачите се урива во континуитет.“.

Дебатата за тоа што е поважно – авторот и неговите ставови или неговите дела и понатаму ќе останат да виреат низ кулоарите на интернет просторот, се’ до следната дилема за тоа кој е заслужен за награда врз основа на творештвото, или неговите постапки и ставови.

Самра Ѓурѓевиќ

*Текстот е направен во рамки на Новинарскиот клуб на Радио МОФ раководен од новинарот Огнен Јанески