[Видео] Кирил Спировски: ДИК не ни достави доволно паравани

Објаснувањето на актуелниот претседател на СПУКМ со изминат мандат Кирил Спировски за причината поради која нема паравани за гласање на повеќето факултети е дека Државната изборна комисија не им доставила, иако тие поднеле официјално барање.

Тој рече дека не може даде став околу прашањето дали овие избори се легитимни, насочувајќи ги медиумите и студентите од Студентски пленум да се обратат до Изборната комисија, за која вели дека е единствено надлежна.

„Утрово се обидов да го остварам своето право на глас, но бев на некој начин попречен од страна на претставници на Студентски пленум. Се прави притисок врз студентите да не гласаат, тоа според мене не е академски“, изјави Спировски.

На ова, бурно реагираа студентите кои присуствуваа за време на пресот, додека Спировски им реплицираше велејќи дека знае од кои организации доаѓаат.

Претходно, студентите ги потсетија своите колеги кои беа во дворот позади Правниот факултет дека изборите се нелигитимни, бидејќи оние кои ги распишале се со истечен мандат. Во кампусот се забележуваат и цивили.

Покрај недостигот на паравани, проблематични се и печатите, бидејќи на нив стои 2015 година, наводно поради тоа што првичните избори требале да се одржат минатата година, вели репортерката на Радио МОФ. Гласачките ливчиња, меѓудругото, немаат печат и сериски број, па гласањето се евидентира со ставање печат на индексите на студентите.

Гласачко ливче

Гласачко ливче

Засега атмосферата е мирна на останатите факултети. Во изјава за медиумите, студентската правобранителка Васка Бојаџи ги повика студентите да излезат и да го остварат своето право на глас.

Денешните избори започнаа нешто пред десет часот, а ќе завршат во 16 часот.

На 23 факултети од скопскиот универзитет се поставени изборни кутии, во кои студентите треба да го остават својот за глас за еден од двајцата пријавени кандидати за позицијата претседател на Студентскиот парламент на УКИМ.

Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти е едниот кандидат, додека неговиот конкурент е Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.

Репортерите на Радио МОФ активно ќе ги следат студентските избори, а најинтересните моменти ќе може да ги проследете преку нашите прилози и видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.