[Став] За Југохром, за критичната маса во Тетово и за загадувањето – за тетовските работи

Пред некоја вечер бевме сведоци на тоа како честичките РМ10 стигнаа до 996 микрограми на метар кубен во Тетово. „Честито“, граду мој најубав – успеа да бидеш најпознат на целиот свет, но не преку Попова Шапка, туку со тоа што стана најзагадениот град во светот.

Како што можете да видите, 19.9 пати поголемо загадување од дозволеното.

Тетово е убав град, еден од најубавите. Сонце, пријатна клима во лето и многу снег во зима. Ова со климата и снегот е променето малку со изградбата на браната Козјак (во потрага сум по истражувањето – ако некој го има, нека ме контактира). Снегот ни го нема, у лето е 40 степени, влагата е зголемена драстично и најбитно од сè – ветер нема.

Прво, да започнеме со проблемот број еден според поголемиот број на граѓани и според здружението ЕкоГерила: Југохром. Југохром е еден од најстарите комбинати на Балканот, единствениот останат од поранешна Југославија кој сè уште функционира и нуди парче леб за семејствата од регионот. Југохром работи цела година, а загадување во Тетово нема од овие граници како сега. Дополнително, нешто што би сакал да го знаете е дека 2/3 од вработените во Југохром се пратени на принуден одмор поради намалено производство и гасење на печките. Па сега удрете математика – дали може фабрика со намален капацитет да направи загадување од 996 µg.

Ќе ја начнам и темата ЕкоГерила, бидејќи се рекламира како екипа која се бори за чист воздух во Тетово. Би сакал дечките да се активираат за решавање на проблемот во нашиот двор, бидејќи најголемиот дел од загадувањето доаѓа токму од нашиот ни град. Само да ги потсетам тетовчани што мислат дека им е крив Југохром, а не е крив секој граѓанин на Тетово што за да замине до дуќан на 50 метри пали кола, бидејќи мора да покаже дека има BMW. За да се намали загадувањето потребно е да почнеме со намалено користење на автомобилите за ситни работи и излагање на кафе. Не е никој крив што наместо да имаме топлана ние имаме огрев на дрво (или како што јас го нарекувам, фрли во ќумбето се што не треба да се користи). Светла точка на ова фрла новото зонско паркирање, па на оние што им се дава 2000 денари на бензин не им се дава 30 денари за паркинг и не ги користат возилата (оние што ги користат се пикаат по уличиња за да не платат).

Последно нешто до кое стигаме е #ТетовоНаТочак или Критична Маса. Тука го имате Тетово со сета негова “убавина” од луѓе кои седат на кафе и со потсмев и иронија прашуваат: а бе, #ТетовоНаТочак, кај ви се точаците? А истите тие плачат дека е загаден воздухот. Критичната маса ја организираме со една единствена цел: да покажеме дека низ Тетово може да се оди било каде со велосипед за само… 0 денари! Гратис трошење на калориите. И нормално, да покажеме дека ни е потребна инфраструктура, бидејќи нормално, откако ќе стигнеш до местото, потребно е некаде точакот да го оставиш.

За самиот крај… пријатен ден драги мои,
Игор – @CommieMK

Be the change you want to see in the world — Mahatma Gandhi