[Став] 10 причини зошто Студентскиот пленум денес смее и треба да се гордее

10 причини зошто Студентскиот пленум и поддржувачите на Студентскиот пленум без двоумење можат да прогласат победа, на краток и на среден рок:

1. Ќе има нов закон за високо образование, во него нема да има државен испит. Студентите се обединија токму заради револтот од најавениот државен испит.

2. Студентите се свесни дека власта манипулира и затоа најавуваат будност и непопустливост при изработката на новиот закон.

3. За првпат, од независноста до денес, студентите на јавна сцена демонстрираа демократска критичка мисла, придружена со артукилирана аргументација, конструктивен и аналитичен пристап.

4. За првпат, од независноста до денес, студентите се обединуваат околу демократски вредности. Потсетувам, протестите од 1997 беа против правата на Албанците, а не за било какви демократски вредности.

5. Студентскиот пленум целосно го разобличи и го делегитимира партискиот Студентски парламент и се позиционираше себеси како нова, автентична форма на студентско организирање која ги притисна властите на отстапки

6. Студентскиот пленум обезбеди масовност која им пркоси на институционалните авторитети, појава која е вистинска реткост во Македонија

7. Студентскиот пленум ги мотивира граѓаните на солидарност, барајќи поддршка од сите граѓани, како за учество на протестите, така и за донирање храна и душек при окупацијата.

8. Студентскиот пленум демонстрираше единство на различностите, базирано на состојба на индивидуалниот ум, а не на етничката или каква било друга припадност. Она на што многумина повикуваа декларативно, Пленумот го реализираше во пракса.

9. Студентскиот пленум им одржа лекција на граѓаните дека политичкото не е исто со партиското. Пленумот ја едуцираше јавноста дека секој граѓанин има право и треба да се занимава со политика и дека политиката не им припаѓа само на партиите.

10. Пленумот ја деконструираше пропагандата. Преку симболичното себе-заокружување со црвени кругови, пленумците им порачаа на куририте дека слободната мисла не може да се етикетира како штетна.

Конечно, ова не е победа само на Студентскиот пленум. Ова е победа на граѓанска Македонија и на сите граѓани чии ставови беа артикулирани и презентирани низ активностите на Студентскиот пленум.
И, да не заборавиме, студентите покажаа минимум одважност, на ред се останатите граѓани!
‪#‎ПоздравПленумци‬ #Студентски Пленум

Марјан Забрчанец