Средба на работните групи во понеделник во Ректоратот на УКИМ

Работните групи кои треба да работат на нов Закон за високо образование, а во чиј состав се претставници од Студентскиот и Професорскиот пленум,  на Министерството за образование и наука, но и на Универзитетскиот Сенат, ќе се состанат во понеделник (16-ти март), информираат од Студентски пленум.

Средбата, како што потврдуваат од Пленумот, повторно ќе се одржи во просториите на Ректоратот, каде пред две недели беше донесена одлука за носење на целосно нов закон.

„Се одложи една средба, поради технички проблеми. Следна средба ќе се одржи на 16-ти (понеделник) во ректоратот на УКИМ. За работната група, самиот Пленум веќе започна со состаноци, засега студентите разгледуваат идеи. Со конкретна работа ќе се започне откако ќе се утврди методологијата на понатамошната работа. Досега има само груби идеи за тоа како би изгледал Законот за високо образование“, велат за радио МОФ од Студентски пленум.

Средбата доаѓа по две недели откако студентите ја прекинаа двонеделната окупација на Универзитетот незадоволни од измените во Законот за високо образование и воведувањето државен испит. Студентите соопштија дека им било ветено дека во новиот закон нема да има надворешно тестирање, иако досега никој од Министерството и од УКИМ ова јавно не го потврди.

Студентите, професорите и претставниците на владата и универзитетот договорија рок од триесет дена за да се изработи концептот на законот и да се формираат широките работни групи. Во тие фази нема да биде вклучен Студентскиот парламент, освен студентскиот правобранител Васка Бојаџи. Нивните очекувања се дека за шест до осум месеци би требало да има текст.

Во меѓувреме, од Студентски пленум продолжуваат да одржуваат алтернативни предавања на своите факултети, иако окупацијата е прекината.