Реформата за подигање на нискиот морал започнува преку систем за образование на наставници

Нема една причина, нема еден проблем, не можете персонално никој да обвините зошто е ваква ситуацијата со иницијалниот систем на образование на наставници и наставничката професија во вашата земја. Од крајот на минатиот и почетокот на овој век се случија многу реформи. Но, реално, треба да поттенцираме дека пристапот секогаш бил парцијален. Со некакви внатрешни, краткорочни поместувања. Скоро секогаш и без исклучок бил со политизација, со компромиси и договор на лични интереси, без пошироки погледи и визија за тоа каков треба да биде наставникот и системот во 21 век.

Вака Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип го започна својот говор на второто издание на „Speech4Teach – инспирација за едукација“, организиран од Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“.

На настанот во кино „Фросина“ со кратки инспиративни приказни се обратија практичари, професори, родители и ученици, а голем дел од наставниците во публиката можеа да слушнат за состојбите во домашниот воспитно-образовен систем и можните промени.

Барбареев нагласи дека реформата за подигање на одговорноста во општеството, реформата за подигање на ниската точка на морал започнува преку иницијалниот систем за образование на наставници.

„Во САД во 1983, кога Националната агенција за квалитет на образованието подготвила извешетај кој одел до Белата куќа, тој гласел ‘Нација во опасност’. Покрај многуте заклучоци, во извештајот стои и дека ‘Некоја држава да ни наметне ваков систем на образование, тоа би требало да го сметаме за објавување на војна’. Им сугерирам на луѓето кои работат денес во работните групи за нашата состојба, можат да се послужат со истите заклучоци. Искуствата покажуваат дека наставниците се важни, реформата треба да биде ставена на наставниците. Еден извештај од 2005 година, тврди дека за само три години работа со викококвалитетен наставник, може да направи разлика од повеќе од 35 % кај учениците“, рече Барбареев, кој е блогер за образование и истражувач во областа на образовните политики и образованието на наставници.

Според него, најдобрите образовни системи се разликуваат од останатите по три клучни точки. Прво, начинот на селекција на кандидати на наставници. Односно, како да ги поддржиме и препознаеме вистинските луѓе во општеството да станат наставници.

„Второ, можноста тие луѓе да држат најдобра настава. Трето, како да изградите систем во кој секое дете, секој ученик, граѓанин во општество да добие шанса и, ако заслужува, да стане најдобрата верзија од себе“, потенцира тој.

Шпетим Љатифи, професорот на Факултетот за современи науки и технологии и раководител на проект на УСАИД за деца со пречки во видот, смета дека образованието како концепт не би требало да има никакво ограничување. Сепак, денес наставникот се соочува со многу проблеми. На работа, на училиште, со секојдневни реформи во образованието, со ниска плата, притисоци од различен тип. Меѓутоа, вели тој, понекогаш и менталитетот ни е чуден.

„Сум слушнал неколку пати како некој вели: ‘Мојата работа е да пренесам знаење. Нема што да ги сакам учениците, или они да ме сакаат мене, да бидеме пријатели’. Мојот одговор е – децата не учат од луѓе кои не ги сакаат. Убеден сум дека добар наставник може во секакви услови да го извлече својот максумум и од учениците да го извлече најдоброто. За да се случи тоа, независно од системот и сите проблеми, треба да се изведе добар однос настаник – ученик“, вели Љатифи.

Од настанот во кино „Фросина“

За него добар дел од респектот кон професорите се должи и на тоа како тие ги третираат студентите и учениците. Ги запраша присутните – колку често ви се имаат случено и како сте одговориле на притисоците да поправите оценка?

„Притисоците се големи – комшија, колега, ќерка… Знаеме колку можат да бидат упорни нашите тетки. Меѓутоа, многу е важно, особено кај помладите настаници кои бараат достоинство, кариера и углед, треба да бидат што поистрајни. Многу е важно и наставникот да ги признае грешките кои ги прави. Се сеќавам дека во една недела, два пати повторив исто предавање! И кога ги прашав студентите зошто не ми кажале, тие одговорија ‘Бевме многу внесен во темата, па ни беше жал да ве прекинуваме’. Признав грешка. Сите ги почестив по едно кафе“, раскажа Љатифи.

Понатаму, вели тој, наставникот на час е господар на своите 45 минути. И никој не може тоа да го смени. Исто така, границите постојат единствено во главите. Се’ друго е илузија. Меѓутоа, нагласува, границата се поместува со љубов кон професијата, со работа. Границата ја поместува и секој убав кажан збор, од колеги, а особено од родителите кои ги носат децата во школо.

„Апелирам до Владата и МОН ако сакаат реформа да направат, нека почнат со дуплирање на платите на наставниците. Тоа е единствена паметна, а не популистичка мерка. Потоа, да се даваат почесто признанија на наставниците од колегите, родителите, институциите. Но, да не се лажеме, вие го давате својот максимум и со овие плати. Продолжете со истиот жар и елан, новите генерации ќе ве паметат“, им порача Љатифи на наставниците.

Настанот денеска беше можност и да се одбележат четири години од спроведувањето на проектот на УСАД „Со читање до лидерство“. Раководителот на овој проект и директорка на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, Сузана Киранџиска, истакна дека сакаат да создадат култура за учење меѓу самите наставници за, како што рече, да можат тие постојано да зборуваат и да ја унапредуваат својата пракса.

Во рамки на проектот се објавени повеќе од 20 сликовници на македонски и албански, а оваа година и на турски и на босански јазик. Потенцира дека кај децата треба да се всади љубовта кон книгата и дневно со дете да се чита барем по 20 минути.

Меѓу другите, на настанот зборуваше и Весела Богдановиќ, одделенскиот наставник во ОУ „Кочо Рацин“ во село Ивањевци, општина Могила. Таа беше избрана меѓу топ 50 иновативни наставници во светски избор Global Teacher Prize. Вклучена е во проектот „Со читање до лидерство“ и истакна дека ги применува техниките и методите научени од обуките.

„Македонскиот јазик, читањето и математиката стануваат игра, природен начин за учење на дечињата. Редовната програма може да биде бајка ако едукаторот знае како да ги подготви и да ги реализира часовите на начин кој одговара на природата на децата“, рече таа, додавајќи дека проектот се однесува за деца од прво до трето одделение, а во него се вклучени сите училишта од Македонија.

Инаку, пред официјалниот дел од евентот, почнувајќи на пладне, во Детскиот креативен центар за јавноста беше отворена изложба на постери и портфолија на наставници. Овој настан, меѓу другото, има за цел да го прослави „Месецот на книгата“ кој традиционално се одбележува низ повеќе училишта и библиотеки во Македонија.

 

Бојан Шашевски