Ново шаренило врз белата фасада на Влада, на протестот се приклучи и „Гатачката“

„Обоени ви се деновите“ испишаа „командосите“ на Шарена револуција пред Влада. Граѓаните обединети во неформалното движење „Протестирам“ и вечерва ги активираа импровизираните чатали и ја покрија белата фасада на Владата со препознатливите шарени бои.

На протестот се појави и жена преправена во гатачка, алудирајќи на аудио снимките што протекоа во јавноста, каде се слуша разговор помеѓу поранешниот премиер Никола Груевски и жена која наводно му ја претскажува иднината.

Демонстрантите во моментов се упатија кон Собрание, каде е планирано да се одржат говори, јавува репортерката на Радио МОФ.

Протестот започна во 18 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство. Главниот слоган на денешниот протест е „Вие кривични а ние похрабри“, мислејќи на над 30-те кривични пријави кои ги поднесе МВР неделава.

Осум недели траат протестите со кои граѓаните, меѓудругото, бараат оставка на претседателот Ѓорге Иванов, поништување на аболицијата, вклучување на граѓански претставници во преговорите за излез од кризата, но и формирање преодна влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори. Досега е исполнето само едно барање за одложување на изборите од 5 јуни.