Новинарот Кежаровски доби условен отпуст

Новинарот Томислав Кежаровски доби условен отпуст, одлучи Кривичниот суд. Според оваа одлука на тој нема да се враќа во затвор за издржувањето на преостанатиот дел од казната, туку останува на слобода.

во текот на вчерашниот ден на јавна седница одлучувал по предлогот на директорот на КПУ Затвор Скопје – Скопје за условен отпуст на осудениот Томислав Кежаровски и донел решение со кое го уважил предлогот на директорот.

Со решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал, Кежаровски се отпушта на ден 18 февруари, а времето на условниот отпуст трае до 27 јуни, односно до истекот на издржувањето на казната.

„Оваа одлука Судот ја донесе согласно член 200, 201, 202 и 203 од Законот за извршувањето на санкции како и член 36 од Кривичниот законик, бидејќи осудениот веќе издржал повеќе од половината од казната затвор, а притоа водејќи сметка за неиздржаниот дел од изречената казна, дека за времето на издржувањето на казната, а особено во период додека тој бил во притвор во истата оваа установа, покажал беспрекорно и примерно поведение, како и влошената здравствена состојба на осудениот заради која со решение на Управата за издржување на санкции му е одреден прекин на издржувањето на казната затвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението од Судот.

Кежаровски беше осуден на четири и пол години затвор за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот Ореше, по што Апелација му ја намали казната на две години затвор на две години. Со ова, на новинарот му остануваа да отслужи околку четири месеци затвор, поради тоа што претходно беше во притвор.

Кежаровски веднаш беше спроведен во затвор, за во вторникот да биде привремено пуштен на слобода поради влошена здравствена состојба, пред најавениот протест на неговите колеги кои бараа ослободителна пресуда.