Младите за Ѓорче: Ни требаат активности што ќе ги обединат жителите

Група ентузијасти од скопската населба Ѓорче Петров веќе некое време организираат разни активности со кои го анимираат младото население во оваа општина. Еден од нив е и Ѓорѓи Трајковски, кој за Радио МОФ вели дека во моментов младите од оваа општина се разединети, а комуникацијата меѓу нив е сведена на минимум.

„Во општината има премногу млади луѓе коишто нема каде да се  информираат за своите права и начините  како да ги релизираат своите идеи и да учествуваат  во  активности  организирани  во склоп на општината“, смета Трајковски.

Поради тоа, тие бараат катче каде ќе се одржуваат настани што ќе ја кренат свеста на младите за нивната улога на локално ниво.

„Се пријавивме на проект организиран од страна на ‘Mладите можат’ на којшто се обработуваше темата локален активизам, а подоцна се поделивме во две групи. Нашата група се фокусираше на младински акивизам во општина Ѓорче Петров“, објасни тој.

Трајковски се надева дека со нивната иницијатива ќе помогнат да ги спојат младите од повеќето населби во општината, така што месечно ќе организираат активности од најразлични области. Но, во тоа вели тој, потребна им е помош и од самата општина и градоначалникот.

„Очекуваме помош од градоначалникот бидејки е во корист на општината. Со овозможување на просторија и останати неопходни ресурси, поконкретно со  одвојување на годишен буџет“, посочи Трајковски.

Според него, од младинското катче најмногу корист би имале младите од општината, но и сите останати граѓани бидејки како што вели тој, со активностите што ќе се организираат ќе се придонесе за зголемување на свеста во повеќе области.

„Покрај младинското катче потребни се и други видови настани коишто се поткрепени од општината, не само добро познатите турнири во фудбал“, подвлече Трајковски.

*Текстот е дел од кампањата на Радио МОФ #ДрагГрадоначалнику, чија главна цел е вклучување на граѓаните во локалното владеење. Со кампањата отвораме можност секој граѓанин, во секое време, да ни праќа и посочува одреден локален проблем преку нашиот мејл info@radiomof.mk и социјалните мрежи со хаштагот #ДрaгГрадоначалнику или #ПријавиПроблем.