Изложбата „Ана Франк – Историја за денес“ е отворена за посетители во Скопје

Изложбата „Ана Франк – Историја за денес“ од денеска е отворена за посетители во Скопје. Изложбата креирана од Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Холандија е поставена во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а ќе биде отворена од 29 февруари,  од вторник до недела (10:00-15:00 часот), додека во понеделник е затворена за посетители, а влезот е бесплатен.

Отворањето на изложбата кое се одржа вчера (4 февруари) во Меморијалниот центар на холокаустот го посетија над сто посетители, а обраќања имаа повеќе лица кои дадоа поддршка во организирање на изложбата.

Директорот на Меморијалниот центар, Горан Садикариjо изјави: „Нашата основна цел како како Меморијален центар е сеќавање и едукација за Холокаустот на Евреите. Со таквата наша активност се спротиставуваме на сите видови предрасуди, ксенофобија, шовинизам, анти-семитизам, исклученост и угнетување“.

Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија Вилем Ваутер Пломп порача: „Сакам да служам на човештвото“, напишала Ана во својот дневник. „Сакам да ги зачувам моите идеали затоа што покрај се верувам дека луѓето се добри во своите срца“. Кон тоа треба да стремиме, како претставници на нашите држави, институции, како индивидуалци во нашите животи“.

Амбасадорот Јован Теговски, координатор на IHRA кажа: „Се обидуваме да го поттикнеме интересот кај младите да го надоградуваат своето знаење и да дадеме поддршка за сите оние млади луѓе кои сакаат да го проучуваат Холокаустот да се обидат да станат амбасадори на Куќата на Ана Франк“.

Дона Костуранова, извршна директорка на МОФ рече: „Треба да ја поттикнуваме и охрабруваме соработката и спознавањето на младите од различните земји и оние со различни идентитети за да постигнеме интегрирани општества каде постои соработка, а не поделби. Само со знаење и едукација може да ги победиме предрасудите и бариерите“.

Професорот Мишо Докмановиќ кој учествуваше во креирањето на локалните панели на изложбата порача: „Актуелните настани, страдањето на децата и младите, современите предизвици – ни покажуваат дека се’ уште учиме од сопствените грешки и се’ уште забораваме на значeњето на младите луѓе, особено децата и нивната потреба да им се овозможат нормални услови за живот.

Бесник Емини кој даде експертски придонес во креирање на панели за Македонија рече: „Ана Франк е една од илјадници такви приказни. Никогаш не би дознале за неа доколку таа самата не се потрудила да ги напише“.

Изложбата претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна. Изложбата е отворена во Македонија во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за денес“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам.

Во Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и Холандската амбасада. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.