[Истражување] Како Студентски пленум од мал собир прерасна во едно од највлијателните движења во државата

Солидарност, толеранција, дијалог, бунтовност, инклузивност, јавно говорење, градење јадра… Ова се работите на кои Студентски пленум ги научил студентите изминатите три години. Двојазичноста и родовата еднаквост се работите кои произлегле од движењето и природно се наметнале како нешто нормално. Со Студентскиот пленум не се случи освестување само на студентската маса, туку и на пошироката јавност, од каде потоа произлегоа многу други иницијативи и социјални центри.

За развојот, „падот“ и влијанието на ова студентско здружување истражуваше Калиа Димитрова за Институтот за европска политика во својата публикација насловена „Сакам дома да живеам“.

Според неа, дискутабилно е дали Пленумот престана да постои. Од одговорите на интервјуираните, таа сфатила дека за некои категорично не постои, други пак изјавиле дека постои, но во некоја реакциона форма.

„Тоа што е интересно е дека сите интервјуирани зборуваат за Пленумот во минато време, иако пред две минути ми кажале дека се уште се чувствуваат како активен дел од движењето“, забележува Димитрова.

Падот на одредено студентско организирање, објасни Димитрова, најчесто може може да се случи поради организациски неуспех.

„Кога расте толку многу, за толку кратко време, тоа веќе нема капацитет да продолжи понатаму во истата форма, а исто така нема капацитет да се трансформира“, рече таа, укажувајќи на реакциите од интервјуата.

„Но, тоа може да се случи и поради успех“, продолжи Димитрова. „ Според некои, тоа што не се воведе нов Закон за високо образование, како што се планираше, е свовиден успех на Пленумот, бидејќи законот беше главната причина за неговото постоење и зачнување и откако таа цел се оствари, повеќе немаше моќ да се мобилизираат толку луѓе со таков електризитет“, посочи таа.

Студентскиот пленум се активираше пред три години, како одговор на воведувањето на државен испит на сите факултети. Тој произлезе од филмска проекција организирана од „Отворен куфер“, културна акција што функционираше при Филозофскиот/Филолошкиот факултет.

После проекцијата, се собираат група на студенти кои разговараат за Законот, и од таму доаѓа идејата дека е време за едно ново студентско движење.

„Ова е доказ дека е значително важно да има културни катчиња каде што младите луѓе и студентите ќе се собираат и преку такви директни форм како гледање на филм, читање на поезија и слично доаѓаат да разговараат и доаѓаат до заклучоци за нивната конкретна општествена ситуација.Студентскиот пленум е всушност доказ како од еден таков, навидум таен, собир може да се извади нешто многу посериозно“, смета Димитрова.

Сепак, според неа, Законот не бил причината за идните протести, туку само повод. Со текот на времето, движењето стана помасовно и незадоволството било конкретно насочено кон проблемот, а во меѓувреме се случува и масовна јавна поддршка, што доведе до најголемиот протест во историјата на земјата.

„За многу кратко време, очите на јавноста беа свртени кон нас, а ние не го очекувавме и баравме тоа. .. и страшно беше. Во одреден момент постоеше само пленум. Ништо друго не постоеше. За месе дена, мене пленумот ми стана живот“, вели студент во истражувањето.

Но, со текот на времето, жарот спласна по вклучувањето на претставници на Пленумот во работните групи за изработка на нов Закон за високо образование. Започнуваат поделбите, а за тоа како главна причина се наведува бирократизацијата на движењето. Според Димитрова, спласнувањето може да се смета и за успех и за неуспех, бидејќи дел од студентите не сакаа да се движат натаму.

„Работните групи требаше да се направат интересни, тоа беше навистина мачење за некој што не е од таа струка. Луѓето се обесхрабруваат, нема брзи резултати, престана да биде интересно. Се намалија културните случувања, а се зголемија бирократските и престана да биде кул“, цитат на друг студент.

Фракциите во Пленумот стануваат се поголеми што исто така влијае врз расположението кај целиот колектив.

„Имаше вербални, физички напади… јас се презаситив, во еден момент не можев да издржам. Не можеш веќе да се бориш со луѓе ако немаш цел“, вели една од студентските изјави.

Една година помина од кога почна истражувањето и многу работи се случија во општеството, напомена Димитрова.

„Мене ме интересираа младите кои се уште останаа во земјата и спротивно од тој одлив на мозоци пробуваа да направат некоја промена во општеството“, рече таа.

Нејзиното истражување, вели таа, е своевидно оддавање почит на движењето, за кое смета дека се потребни почести архивирања на случувањата поврзани со него.

„Во пракса видовме дека апатичноста повеќе не важеше за младите во Македонија. Неколку илјади студенти кои маршираа не треба да се занемарат, туку сметам дека треба да остане во историјата на земјата“, смета младата истражувачка.

Секој од студентите кој бил дел од Студентскиот пленум не излегол како ист човек, покажува нејзиното истражување. Таквата трансформација, покрај лично, може да се согледа и на општествено ниво. Според Димитрова, после Пленумот е важно тоа што се создадоа повеќе студентски организации на различни факултети, особено на факултети каде што нема таква традиција. Исто така, во последно време се отворија и неколку социјални центри.

„Пленумите произлегоа од незадоволните млади во државата, но важно е дека не беше незадоволството единствено насочено кон конкретниот нов Закон за високо образование, туку и студентскиот и културниот стандард на младиот човек“, нагласи Димитрова, додавајќи дека Средношколскиот пленум е најважната победа на студентското движење.

Од личен аспект, пак, студентите се здобиле со лични вештини како јавно говорење и психолошко емотивно созревање.

„Со Пленумот тие научија како да се борат, да го бараат она што го сакаат и да прават акции и со тоа активно да бидат вклучени во општеството“, рече Димитрова.

„Мислам дека таму почнав да се градам себеси како личност и индивидуа. Учев солидарност, емпатија, толерантност, сослушување, почит кон другоста. Апсолутно имаше простор за различност“, вели цитат на студент.

Сепак, Димитрова забележува дека по „златните денови“ на Пленумот, се случува повлекување од  јавната сфера, исцрпеност, и повеќе немање на ентузијазам за да се биде дел од колективот. Неретко во интервјуата имало целосна разочараност за тоа што следува потоа.

„После сите интервјуа, беше тешко да не се разочараш и да си кажеш: ‘Леле Господе, сите овие луѓе ќе се отидат утре. Но, јас мислам дека на ова треба да се гледа позитивно и затоа напоменав дека треба повеќе да се зборува за распадот отколку за појавата на движењата, бидејќи некогаш е полесно да се започне нешто, а уште потешко е да се одржи и затоа мислам дека Студентскиот пленум не е исклучок“, смета таа.

Да се извлечат поуки

Според Димитрова, сега е најважно да се разговара за тоа како студентското опкружување и конкретно Студентскиот пленум, може да прерасне во традиција, наместо да се гледа како историски исклучок, за кој секогаш ќе се зборува со носталгија.

„Еден начин на кој тоа може да се направи е преку организација на трибини, работилници и неформални информативни состаноци со средношколци и студенти каде членови на пленумот би можеле да го пренесат своето искуство, да ги мотивираат помладите пренесувајќи ги позитивните пленумски приказни, но и да посочат кон ризиците кои ги носат поделбите, опасноста од рпеговори со власта, како и разни методи и начини за вршење политички притисок и дејствување промена“, забележува таа во своето истражување.

Емилија Петреска