[Фото] Младите извидници во Скопје ја чистеа Матка

Група на извидници, на возраст од 7 до 12 години, со своите водачи од Првиот скопски извиднички одред (ПСИО), денеска ја посетија Матка со цел да ја исчистат.

Тие велат дека собрале огромен број на вреќи полни со ѓубре, и тоа само на пределот околу последната автобуска станица до паркингот кај браната.

„Ситуацијата е повеќе од алармантна, прекрасната природа буквално се дави во отпад од несовесните граѓани кои се и сешто фрлаат каде ќе стигнат…од пелени, до стаклени шишиња, чипсови, лименки и кутии од цигари во изобилство“, вели Снежана Јанковиќ, началник на ПСИО.

„Уште полош е фактот што и кога стигнавме контејнерите и на автобуската и горе на паркингот беа преполни, а мали канти по патеката за жал нема“, додава Виктор Гилев, водач на патрола.

ПСИО апелира да се зголеми свесноста кај посетителите и надлежните, отпадот да се фрла во канти за отпадоци, а во недостиг од нив, да се зачува во џеб додека не се најде соодветно место.

Извидниците најавија дека ќе продолжат со акциите за чиста и зелена Матка, а граѓаните ги замолуваат, кога излегуваат од својот автомобил, отпадокот да не го фрлаат на земја.