Зоран Милевски, професор по информатика: Потребна e унификција на алатките за онлајн настава

Желбата да работи во образование, го натера професорот Зоран Милевски да одбрани два дипломски труда на Институтот за Информатика на Природно – математичкиот факултет, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и една магистерска теза на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Системот за е-учење „Moodle“ го привлекува неговото внимание, па се специјализира за онлајн учењето и навлегува подлабоко во оваа сфера, кон креирање дополнителни анализи и адаптации на системите.

Во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци, каде работи како професор по информатика, Милески го администрира системот „Moodle“, долг период пред онлајн учењето да стане тема во земјава поради актуелната пандемија на новиот коронавирус. За тоа како треба да изгледа онлајн учењето, како да се надминат предизвиците, но и како да им се помогне и на наставниците и на учениците, тој објаснува во интервјуто за Радио МОФ.

Зошто ја избравте онлајн наставата како нешто кон кое посветувате голем дел од вашата професионална надградба? Колку е таа битна во времето во кое живееме?

За време на студиите додека студирав на ПМФ, факултетот користеше систем за е-учење Moodle, нешто за кое што уште за тоа време заклучив дека е многу важно и потребно да се имплементира, адаптира и негува. Откако се вработив во Гимназијата во Кавадарци, уште во 2009 година иницирав имплементација на ваков систем, со што гимназијата стана меѓу единствените училишта што имаат имплементирано ваква платформа за е-учење уште пред 10 години. Оттогаш до ден денес во училиштето се користи Moodle и во него се вклучени сите ученици кои учат во ова училиште. Важна и неопходна беше потребата од ваков систем, бидејќи по некои предмети, најчесто нови програми, учениците немаа доволно литература за да им помогне полесно да го совладаат материјалот за учење. Па затоа, започнавме со другите колеги да им поставуваме материјали, дополнителни интересни линкови кои што се покажа дека им се интересни на учениците, и тие повеќе време почнаа да поминуваат на Moodle, да учестуваат во активностите, да прават квизови на знаења, да споделуваат искуства во форумите итн.

Вие сте дел од „Moodle“ платформата за е-настава. Што претставува  „Moodle“, објаснето на наједноставен начин?

Moodle (аконим од модуларна објектно-ориентирана динамичка средина за учење) претставува бесплатна околина за учење, софтверска платформа со бесплатна лиценца, исто така позната како менаџмент систем, систем за управување, или виртуелна средина за учење. Мудл и ден денес се развива во портал за учење, кој е се попопуларен кај корисниците, ученици и наставници, и ја поддржува креативноста и способноста за учење кај учениците. Се состои од затворен тип на курсеви во кои што можат да пристапат корисници со креирање на корисничка сметка и пристап со клуч за зачленување за секој курс поединечно. Исто така може да се направи курсот или курсевите да бидат отворени за сите гости кои што би го посетиле системот и можат да ги разгледуваат сите поставени ресурси и активности. Улоги кои што ги има системот генeрално се професор и ученик. Професорот има можност да креира курс, да поставува ресурси и активности, а учениците да пристапуваат кон тие ресурси и да учествуваат во активностите. Системот нуди се што е потребно за учење, и тоа поставување на: материјали од било каков тип, линкови, домашни задачи со можност за поставување на рокови, чат помеѓу учесниците, анкети, форум, квизови, работилници и др. Но, она што е најважно е дека се се наоѓа на едно место и е едноставно за користење.

Во време на изолцијата и прекината нaстaва, здружението „Moodle Macedonia“ понуди бесплатни обуки за професорите. Каков беше одзивот?

Здружението уште откако е основано нуди помош и обуки за користење на оваа светски призната платформа за е-учење. Претходно споменатите и дискутирани елементи кои што ги нуди платформата Moodle, овозможуваат непречена комуникација на наставникот, со своите ученици. Со користење на Moodle се овозможува непречена соработка со сите засегнати страни, од дома, од својот компјутер. Нашиот тим во овие кризни моменти изработи видео упатства, кои се достапни за секого на платформата Youtube, со цел да им се помогне на сите, кои имаат потреба од конференцискиот сервис ЗУМ. Направени се бесплатни обуки на кои што во првите две досега се имаат пријавено над 150 наставнии и имаат земено учество.

Изработени се упатство за предавање за професори , упатство за користење на ЗУМ за ученици и студенти и упатство за користење на ЗУМ од мобилен телефон. Овие упатства имаат за само 4 дена повеќе од 4.500 прегледи / одделно.

На што треба да обратат внимание наставниците кога одржуваат онлајн предавање, имајќи предвид дека процесот на функционирање е поразличен? Во моментов имаме ситуација кога учениците од еден наставник добиваат задачи на Вибер, од друг на Фејсбук, со трет се гледаат на ЗУМ. Како да се надмине овој проблем?

Она што постојано го инсистирам јас е дека училиштата не треба да ги користат социјалните мрежи за да комуницираат наставниците и учениците. Тоа сепак е приватност и не би требало на ученик на кој што јас му предавам да има пристап до мојот приватен живот, и постови кои што ги споделувам со мои блиски пријатели. Она што го критикувам е користењето Фејсбук од страна на училиштата за нивна реклама, споделување на настани кои што се случувале во периодот, проследено со слики од ученици, па понатаму и коментрари кои што можат да бидат несериозно интерпретирани. На пример во училиштето каде што работам си функционира веб сајт  на кој што се поставуваат сите настани, информации и соопштенија кои што се поврзани со наставата. Би ги охрабрил сите училишта на овој начин да ги користат официјалните веб сајтови и да ги ажурираат со потребните информации и настани кои што се случуваат, а не да користат социјални мрежи, бидејќи на крајот на нештата, дали имаат тие право да ги објавуваат лицата на учениците на социјална мрежа?

Понатаму, во делот на настава, имплементација на ваков систем за е-учење Moodle е неопходен, бидејќи веб сајтот има содржини и информации кои што се од јавен карактер, но со Moodle, се заштитува приватноста на учениците и професорите, со тоа што материјалите ги следат само учениците на кои што им предавам, и истите учествуваат во активностите и нивното присуство е заштитено од надворешни корисници кои што најчесто и немаат добри намери и не се расположени за соработка во текот на наставата. На системот Moodle ги има сите потребни работи што му се потребни на еден наставник и ученик, а тоа е многу важно, бидејќи расплинувањето  и користење на многу алатки, најчесто придонесуваат да се креира забуна во начинот на користење и кај учениците и кај наставниците. Затоа е потребна унификција, барем за училиштата, за да може полесно да се одвива наставата и во нормални услови, и сите ученици да го уживаат правото да добијат поквалитетно образование.

Како би го оцениле моменталното спроведување на онлајн наставата, како може да се олесни овој процес, ако имаме во предвид дека многу наставници немаат големи знаења за технологија, но и се’ уште имаме ученици кои немаат опрема за следење ваков тип на настава. Кои би биле вашите совети во конкретната ситуација?

Сите се најдовме затекнати од новонстанатата ситуација и вонредната состојба во државата, но затоа во општеството во кое што живееме има индивидуалци кои што своето знаење несебично го пренесуваат на оние на кои што им е потребно. Тргнувајќи од колективот во кој што работам, па и пошироко. Во изминатиот период сум постојано во комуникација со моите колеги и се обидувам да помогнам што е можно повеќе за надминување на било какви проблеми со кои што се соочуваат во овој период.

Во врска со учениците кои што не поседуваат потребна опрема за следење на наставата, имам информација дека МОН собра податоци од сите училишта и во кус временски период ќе преземе на ниво на општини за надминување на проблемот. Нешто што размислувам е следно – На ниво на училиште бројот на тие ученици е мал, па доколку нема можност за донација, а на Интернет постојано следам дека има луѓе кои што донираат, таква практика има и во Кавадарци, каде што пријател кој што го познавам има донирано над 200 компјутери во изминатиот период, може да им се дозволни на тие ученици на реверс да позајмат некои од компјутерите кои што ги поседува училиштето. Кога се сака, сѐ се може.

Неодамна беше најавено дека не само што ќе се одвива онлајн настава, туку на овој начин ќе се пишуваат и оценки, имајќи во предвид дека со оглед на развојот на пандемијата, сосема е можно, оваа школска година учениците да не се вратат во клупа. Каков е вашиот став за онлајн оценувањето и како е најдобро да се спроведе?

Во оваа ситуација во која што се наоѓаме, онлајн наставата е единствен начин да можеме да ја продолжиме учебната година и успешно да ја завршиме. Сметам дека нема да има некој голем проблем за оценување на учениците, бидејќи ние 2/3, а можеби и повеќе од материјалот го имаме изработено, имаме ставено полугодишна оценка за секој ученик, исто така бевме на прагот на ставање на оценките од третото тримесечие, така што, во услови како што сме сега, сметам дека е можеби и единствениот начин за да постапиме. И, да, доколку се сака, секој ќе може тоа да го реализира.

Дали онлајн наставата мора да продолжи како концепт да се развива и во иднина, откако ќе заврши пандемијата? Што треба да извлечеме како поука од оваа ситуација?

Онлајн наставата не подразбира настава само што би се одвивала на далечина и без никакво физичко присуство на учесниците во процесот на учење. Тоа не значи дека онлајн наставата може или ќе ја замени традиционалната настава, но во голема мерка може да ја подобри традиционалната настава и да биде помошна алатка при реализирањето на наставата. Земето го како пример моето училиште. Доколку не гледавме придобивки од користење на оваа платформа, тогаш зошто би ја негувале и користеле во текот на изминатите 10 години…

Се надевам дека во блиска иднина сите ќе ја увидат потребата од користење на помошна платформа во образовниот процес, бидејќи на тој начин и на учениците изминувањето на материјалот и неговото совладување им е поинтересно, интерактивно и забавно. Да учиме преку забава, да го користиме нашето време во учество на платформа за е-учење, а помалку на социјалните мрежи.

Ј.Ј./И.С.