Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се солидаризира со барањата на новинарите на трите весника на издавачот „Медиа принт Македонија“ веднаш да се исплатат заостанатите плати за декември и јануари и хонарарите на дописниците.
Од ЗНМ ја поддржуваат одлуката на штрајкувачкиот одбор на новинарите на „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ да стапат во штрајк ако најдоцна до 15 февруари не се исплатат заостанатите плати.
„Без социјална сигурност на новинарите не може да има ниту слобода на медиуми, коja е предуслов за функционална демократија. Ги повикуваме сопствениците и менаџментот на МПМ сериозно да се зафатат со решавање на проблемите и да ја прекинат агонијата во компанијата. Недозволиво е весниците и новинарите да се претворат во заложници на дневно-политички интереси“, соопштуваат од ЗНМ.
Единствено трајно и одржливо решение за состојбата во МПМ, според ЗНМ, е да се ослободат весниците од партиската контрола.
„Иднината на весниците треба да се бара преку враќање на довербата кај читателите и огласувачите“, констатираат од Здружението на новинари.