ЗНМ: Рекламите на партиите во медиумите се ризичен чекор

Здружението на новинарите на Македонија реагира на рекламирањето во приватните медиуми за работата на Владата во последните две години нарачани и платени со пари на политички партии. Од ЗНМ забелеѓуваат дека последните неколку дена во медиумите се забележуваат видео спотови со кои се врши промоција на проекти кои се реализирани од страна на Владата, a рекламите се плаќаат од партиската сметка на СДСМ.

„Според законските прописи на политичките партии дозволено им е да промовираат свои кампањи во приватните медиуми, но во време на предизборна политичка кампања. Иако не постои експлицитна забрана за рекламирање надвор од овој период, со оваа негативна пракса може да се влијае на уредувачката политика и на начинот на известување на дел од медиумите.

Во услови кога политичките партии своето финансирање го обезбедуваат и од државниот буџет на Република Северна Македонија тие треба да бидат уште поодговорни при трошење на парите во приватните медиуми. Освен ова, проблематична е и целта на политичките партии кои се дел од власта, да трошат јавни средства со кои се промовираат одредени владини политики и проекти “, укажуваат од ЗНМ.

Од здружението додаваат и дека оваа пракса со која СДСМ ги промовира проектите на Владата кои биле спроведени во текот на изминатите две години претставува ризичен чекор кој може да има негативни последици врз и така кревката слобода на медиумите и слободата на изразувањето во земјата.