ЗНМ: Извештајот на ЕК за медиумите е критичен, но реален

Годинешниот извештај на Европската комисија за Македонија во делот за слободата на изразувањето и слободата на медиумите е најкритичен, но и најреален досега, сметаат од Здружението на новинари на Македонија.

„Брисел јасно и недвосмислено вели дека слободата на медиумите во Македонија назадува, посочувајќи ги причините за тоа, како што се насилство против новинарите, индиректното и директното вмешување на владата во уредувачката политика на медиумите преку нетранспарентно владино рекламирање, до зависна Македонска радио телевизија и зависен медиумскиот регулатор“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Од ЗНМ посочуваат дека ЕК во извештајот Комисијата посветува соодветно внимание на сите форми на насилство и заплашување на новинари и го истакнува скандалот со прислушувањето, каде новинари со години нелегално биле објект на следење и прислушување и кој ги открил и блиските врски меѓу сопствениците на медиумите и власта.

„За прв пат, Комисијата ги посочува со прст националните телевизии Сител, Канал 5, Алфа и МРТ за непрофесионално известување во прилог на власта и селективно известување за опозицијата и граѓанскиот сектор. Брисел, оваа година ја оценува и работата на двете новинарски здруженија, јасно посочувајќи дека МАН застапува претежно провладини ставови“, додаваат од ЗНМ.

Од ЗНМ се надеваат дека македонската влада сериозно ќе ги сфати овие предупредувања и ќе се заложи за решавање на проблемите со медиумите.