ЗНМ и СЕММ: Новинарите имаат одговорност да известуваат професионално и етички во сензитивни ситуации

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика за медиуми во Македонија (СЕММ) ги повикуваат новинарите и медиумските работници да го почитуваат Кодексот на новинари, особено како што велат, во контекст на неодамнешните настани што поттикнаа јавна дебата и реакции.

„Во вакви ситуации, кога се зголемува ризикот од национална нетрпеливост и омраза, новинарите имаат обврска да известуваат објективно, професионално и со јасна намера за промовирање на смиреност и разбирање.Новинарите треба да се воздржат од користење на националистичка реторика или сензационализам кои можат дополнително да ги ескалираат тензиите во јавноста. Наместо тоа, потребно е да се фокусираат на подигнување на свеста за последиците од говорот на омраза, како и на промоција на дијалог и почитување на различностите. Медиумите, вклучително менаџментот и сопствениците се клучен инструмент за градење на толеранција и меѓусебно разбирање во општеството“ стои во соопштението на ЗНМ.

Оттаму одаваат дека новинарите имаат обврска да се раководат од фактите и да го избегнуваат ширењето на шпекулации или пристрасни ставови.

„Уредничките одлуки во вакви моменти треба да се водат од принципите на одговорно новинарство, чија главна цел е зачувување на јавниот интерес и избегнување на дополнителна поларизација на општеството. Апелираме новинарите да внимаваат и на својата комуникација на личните профили на социјалните мрежи, имајќи предвид дека и таму се перципираат како јавни личности и медиумски професионалци. Одговорното однесување на сите платформи е суштински дел од нивната професионална улога, а и во сооднос со начелата од Кодексот“, велат од ЗНМ.

ЗНМ и СЕММ апелираат до медиумските професионалци да останат посветени на етичките стандарди и да ја препознаат својата клучна улога во создавање на информативен и инклузивен медиумски простор.