ЗНМ го осудува вербалното насилство на власта против новинарите

Здружението на новинарите на Македонија го осудува напливот на координирано вербално насилство на власта против новинари, кои се насочени против слободата на медиумите и правото на јавноста да се информира. Оттаму велат дека ваквите напади имаат за цел да ги заплашат и замолчат новинарите и да ја задушат критиката во медиумите.

„Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ против Фондацијата отворено општество Македонија, за наводно корумпирање на новинарите, е чиста замена на тези на досегашната власт, која нема храброст да се соочи со сопствената одговорност за масовната злоупотреба за медиумите за политички цели.

Изјавите на директорот на Архивот на Македонија, Филип Петровски за расчистување со медиумите на Сорос, е еклатантен пример на повикување на јавен линч против е истомислениците на власта. Исто така, потсетувањето на овој контекст на контроверзни личности од историјата, извршители на атентати, претставува акт на повикување на насилство против новинарите. Таквите практики немаат врска со вредностите на слободните и демократски земји, туку се реликти од тоталитарните
режими, кои имаат предизвикано големи страдања на човештвото“, велат од ЗНМ.

Исто така, тие ги осудуваат навредите на градоначалникот на Берово против новинарката Даниела Такева и ги оценуваат како недолични под секое ниво на домашно воспитување на еден градоначалник. Според нив, овој инцидент покажува дека власта го проширува притисокот врз новинарите кои работат во критичните локални медиуми.

„Ги повикуваме претставниците на власта да престанат со навредите и повиците за насилство против новинари и ги потсетуваме дека заради тоа ќе сносат одговорност за евентуалните последици. Ако има примери на непроферсионално однесување ги повикуваме да се бара од медиумите исправка или демант, а во случај да бидат игнорирани да се
обратат на професионалните организации  одговорни за саморегулација во медиумите.

Исто така, ги повикуваме сите новинари да ги проверат нивните информации од различни извори и да не ги користат медиумите за пресметка со неистомислениците“, стои во соопштението.