ЗНМ до ОЈО: Да престане прогонот кон Кежаровски и да се истражи нападот врз новинарите од ТВ21

Претставници на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се сретнаа со Јавниот обвинител Љубомир Јовески. Како што соопштија од ЗНМ, на средбата се разговарало и за предметот на новинарот Томислав Кежаровски, нападот врз телевизиската екипа на ТВ21 и можните точки на соработка меѓу обвинителството и новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски побарал да биде повлечено обвинението против Кежаровски, откако Врховниот суд го врати неговиот предмет на повторно судење, додавајќи дека овој предмет веќе долго време го руши имиџот на државата во делот на слободата на изразување и како таков мора што побрзо да заврши.

ЗНМ побарале од ОЈО и покренување истрага за сите наоди кои беа презентирани во јавноста во врска со неодамнешниот напад врз екипата на ТВ21, во кој беа нападнати новинари од страна на лица блиски до градоначалничката на Општина Арачиново.

Според ЗНМ, Јовески ветил дека ќе се заинтересира за предметите за насилство против новинари и ќе ги провери сите наоди кои му беа презентирани на средбата.

На средбата било разговарано и за организација на заеднички обуки за новинари и обвинители со цел да се подобри известувањето на новинарите и постапувањето на обвинителите за случаи поврзано со слобода на говорот.

Во одделно соопштение, поттикнато од информациите во јавноста дека одредени новинари се ангажирани во државни и локални институции, од ЗНМ укажуваат дека таквата пракса претставува конфликт на интерес и е спротивна на Кодексот на новинарите на Македонија.

„Во темелните принципи, кои ги имаат прифатено сите наши членови, една од основните професионални задачи на новинарите е „контролата врз власта и другите субјекти од јавниот живот“. Понатаму според Кодексот „новинарите имаат улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, тие ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот“, наведуваат од ЗНМ.

Од Здружението ги повикаа своите членови и сите новинари кои имаат други ангажмани во рамки на Владата или останати јавни институции да се определат дали ќе се занимаваат со новинарство или со некоја друга јавна професија или функција.