ЗНМ: дел од мерките во планот на Владата се проблематични

ЗНМ соопшти дека со внимателност ги следи чекорите на Владата на РСМ за однос на промовирањето на Предлог планот против ширење на дезинформации и истакнуваат дека има проблематични точки.

Затоа, со цел Владата да ја гарантира слободата на изразување, бара целиот процес на консултации за овие теми да биде максимално инклузивен и транспарентен од самиот почеток.

„Освен тоа, Владата треба да знае дека дефинирање на професионални стандарди и оценката за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да ги прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не владина институција или каква било работна група во рамки на Владата“, укажуваат од ЗНМ.

Околу содржината на Предлог планот, го охрабруваат потегот на Владата да направи напор за одбранбен механизам внатре во институциите, преку креирање протоколи и обуки за државните службеници. Сметаат дека е битно извршната власт да биде транспарентна и точна во начинот на пренесување на информациите кон јавноста, како превентивен механизам за погрешно толкување од страна на медиумите.

„Од друга страна, со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки и тоа особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко – регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога. Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета во и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја“, додаваат од ЗНМ.