Знаковен јазик за децата со аутизам во пандемијата – преведена песната „Светот на Биби е шарен цел“

Денес постојат голем број на студии кои зборуваат за влијанието на знаковниот јазик врз развојот на децата кои се наоѓаат во спектарот на аутизам, посебно врз децата кои немаат развиено орален говор или пак имаат минимално развиен говор. Јазикот кој го зборуваме и знаковниот јазик се комплементарни, при што учењето на знаковен јазик може да им помогне на децата да го развијат оралниот говор, вели Јасмина Трошанска, специјален едукатор (дефектолог) и претседател на Здружението „Сината светулка“.

Ова Здружение во соработка со „Млад знак“, во склоп на проектот „Аутизам-онлајн поддршка“, еден дел го посветија на креирање едукативни видеа за едноставен знаковен јазик.

За почеток, заедно со deca.mk ја преведоа и песничката „Светот на Биби шарен е цел“ со цел доближување и промовирање на идејата кон најмладите, децата, а потоа и кон возрасните.

„Учењето на секој јазик е богатство, а учењето на знаковниот јазик може да биде и забавно“, вели Трошанска.

Таа потенцира дека учењето на двата различни јазици (оној што го зборуваме и знаковниот) е многу слично. Мозокот кој е во развој ги обработува и аудитивниот и визуелниот јазик на ист начин. Јаката страна на децата со аутизам е визуелноста и затоа, вели таа, подобро е во почетокот при учењето на комуникативните вештини да се почитува нивната јака страна.

„Кога детето ќе се почувствува успешно во комуникацијата и ќе ја почувствува нејзината моќ при задоволувањето на потребите, тогаш може да учи нови вештини (нов јазик/аудитивен јазик). Овие два јазици, бидејќи се комплементарни, добро е да се воведат заедно и знаковниот јазик да го поддржува аудитивниот јазик. Кога нешто го подучувате детето со аутизам, морате прво вие добро да го владеете. Така, за да започнете да по подучувате знаковен јазик потребно е да имате познавања за него“, потенцира Трошанска, која со години е специјализирана за работа со деца со аутизам.

Дополнува дека за периодот со Ковид-19 децата и адолесцентите со аутизам за време на неизвесност чувствуваат голем стрес, па бараат дополнителна поддршка од семејствта и лицата што ги поддржуваат.

„Таков e периодот на Ковид-19 во кој се наоѓаме во моментов. Семејствата се соочуваат и со дополнителен предизвик како да ги организираат едукативните активности во домот. Ненадејното затварање на училиштата, неизвесноста во нивното отварање, промените во рутината, губењето на врските со наставниците, пријателите и стравот околу заразувањето со вирусот се голема тежина за сите, но децата со аутизам поминуваат низ подолга фаза на адаптација“, нагласува Трошанска.

Тие, вели таа, се соочуваат со дополнителни предизвици во разбирањето, комуникацијата, апстракниот јазик со кои сите им се обраќаат и се обидуваат да им ја објаснат состојбата, имаат потреба од рутини кои во моментов потребно е да се променат. Сето ова води кон вознемиреност и депресија на децата, а со тоа и на целото нивно семејство, бидејќи тие се единствените кои диретно можат и мораат да им пружат поддршка.

„И на крај сакам да се запомни дека комуникацијата е најважна во раниот третман на децата со аутизам. На развој на оваа вештина треба да се започне колку што може порано. Крајната цел треба да биде развој на компетенции во комуникацијата, а не одредена форма на комуникација. Затоа учете едноставен знаковен јазик, користете асистивни уреди или пиктограми, говорот, доколку има услови ќе се појави, доколку не се појави, важно е детето да комуницира бидејќи често се појавува предизвикувачко однесување заради нарушена комуникација, а тоа е нов предизвик кој може да ја отежнува состојбата на детето“, констатира претседателката на „Сината светулка“.

Инаку, сите содржини на проектот „Аутизам-онлајн поддршка“ можат да се пронајдат на веб-страната која наскоро ќе биде достапна освен на македонски и на албански и англиски јазик.  Проектот е финансиран од Владата на С. Македонија во рамки на „Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со Ковид-19 кризата“.

Бојан Шашевски