Жива библиотека – „Прочитај човек, зборувај со книга!“

„Сакаш да слушнеш различни животни приказни? Или можеби сакаш искрено да разговараш со личност која се соочува(ла) со слични проблеми како твоите?“.

Вака звучи најавата на тимот на Hack the Mental Health Stigma, кој приготвува мал предизвик, настан наречен „Прочитај човек, зборувај со книга!“. Настанот се одржува денес од 15 до 18 часот во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје.

„Без разлика дали уживаш читајќи ги светските бестселери или безвременските класици, препушти се на зборовите и подготви се за неверојатно читачко искуство. Навидум нормална библиотека: можеш да го разгледаш каталогот со достапни книги, да дозволиш да те привлече примамливиот наслов и да ја изнајмиш на определен период, но разликата е тоа што ти како читател ќе можеш да позајмиш вистинска личност која лично тебе ќе ти ја раскаже својата приказна. Можноста да зборуваш со книгата, да ја прашаш сѐ што ќе ти падне на ум, да се развие дијалог и опиплива блискост меѓу ‘читателот’ и ‘книгата’ го прави овој настан поинаков од останатите. Настан каде ќе се рушат стереотипите и предрасудите кои ги имаме, настан кој има за цел да развие толеранција и разбирање.

Овој пат на еден поинаков начин ќе го отвориме прашањето за важноста на менталното здравје и превенција на насилството. Применувајќи го концептот на жива библиотека ќе ја хакираме стигмата. Присуството е бесплатно. Се што треба е да одвоите неколку часа, да понесете пријател со себе и да бидете подготвени да ни помогнете заедно да ја хакираме стигмата“, стои во најавата за настанот.

Настанот се спроведува од младинската иницијатива Hack the Mental Health Stigma произлезена од проектот „Младински лидерски иницијативи“, имплементиран од Младите можат, а поддржан од SAJV – CSAJ – FSAG.