Жителите на Џакарта ќе ја тужат владата поради огромното аерозагадување

Уморни од дишење на токсичен воздух група активисти и еколози од Џакарта донесоа одлука да ја тужат владата на Индонезија со цел да бидат преземени мерки.

Квалитетот на воздухот во градот од Југоисточна Азија е драстично влошен последниов месец и регистрирано е аерозагадување полошо дури и од најзагадените градови во светот, како Делхи и Пекинг.

Корисниците на социјални мрежи претходниов период прикачуваа фотографии од главниот град на Индонезија прекриен со смог под хаштагот #SetorFotoPolusi.

На 25-ти јуни, Џакарта имала индекс на квалитет на воздухот (AQI) од 240, додека, за споредба, Лондон има индекс од 12, додека Сан Франциско е на 26.

Смогот во Џакарта досега предизвикал повеќе од 30 тужби. Меѓу организациите кои ги покренале тужбите се наоѓаат активисти, еколози, државни службеници, уметници и претставници на бизнис секторот, кои сега се здружени во заедничка граѓанска тужба против владата.

Тужбата ќе биде адресирана против претседателот на Индонезија, како и министрите за здравство, внатрешни работи и животна средина, но и за градоначалниците на Џакарта, Бантен и Западна Јава.