Жешки столчиња и вжештени ставови – како се одвива оценувањето во време на пандемија

Паднат интернет, расипана камера и микрофон, скратено времетраење на часовите, па и грешки при користење на апликацијата „Мајкрософт тимс“ – алтернативата која се користи како замена за државната образовна платформа се само дел од проблемите со кои што се соочуваат учениците во онлајн учебната година. Само еден ден пред полугодишното оценување, освен столчињата, вжештена е и менталната состојба на учениците, но и критиките кон начинот на одржување на наставата и оценувањето.

„Имавме 15 минути за решавање на тест со 22 прашања, од кои половина беа со дополнување, а пола со заокружување. Никој нормален човек не би можел за толку брзо да одговори на толку прашања за 15 минути. Го решаваме тестот, кликаме „submit“ и сите почнаа да се бунат бидејќи тестот не им е прифатен, а мене тестот ми го снема – едноставно исчезна. Се разбира, наставничката не прекори како не можеме да ја слушаме. Пред некој ден, истото се случи и на друг час. Дури тестовите кои биле пратени на време не стигнале до професорот“, објаснува ученичката Марија Ванѓеловска ученичка во трета година во „Св. Кирил и Методиј“.

Ученикот Александар Георгиевски кој е четврта година во Гимназијата „Таки Даскало“ вели дека онлајн наставата е најчесто испрекината поради технички прблеми, недоволното познавање на технологијата и тешкото постигнување на атмосфера за учење која е прелесно да се расипе.

„Во оваа недела се добиваат оценките, по некои предмети да, по некои предмети допрва ќе ги добиваме. Онлајн оценувањето нормално е да изгледа стресно бидејќи прв пат ни е на сите, но мора да признаеме дека најмногу му одговара на учениците кои вака имаат поголема можност да препишат и да се снајдат, иако ги има оние контроли преку камери и сл, тука децата добија на ова поле. Јас веќе го изнесов мојот личен став за физичко присуство на наставата сметајќи дека е попродуктивно и побезбедно, бидејќи наставата со протоколи е далеку посигурна отколку оваа, која факт е дека не ги задржа децата дома, и времето го поминуваат надвор во паркови и кафичи, собрани кај некој дома на hangover, каде de facto не се носат маски. Доказ за тоа се и статистиките од тогаш кога имаше по 100-150 случаи на ден. И денешните бројки“, вели Георгиевски.

Зборувајќи генерално за неговото искуство со онлајн наставата, тој дополнува дека скоро кај секој ученик е истото – мјутнување, кикнување, наместо следење на настава играње игрици или слушање музика.

Марија Ванѓеловска смета дека кога станува збор за полугодишните оценки, неизвесноста е голема.

„Не се знаеше за оценувањето дали воопшто ќе биде во текот на овој месец. Со оглед на тоа оценувањето по сите предмети беше набрзина и иако советите се овој петок ние оцени знаеме по 2 предмети,а имаме 11. Да бидеме реални оценувањето никогаш не било реално. И кога сме оделе физички на училиште сме наидувале на проблеми. Но мислам дека не било вака како што е сега. Професорите кои не знаат до негде и знаат за која оцена ние знаеме. Но се среќаваме со нови професори кои освен името и презимето и сликата која ни стои како профилна не знаат ништо за нас и треба да ни пишуваат оцена. Не можам да ги кривам ниту нив сигурно и нив не им е така лесно. И двете страни сме оштетени“, истакнува таа.

Ванѓеловска нагласува дека кај усното испрашување исто така се појавуваат проблеми бидејќи има ученици кои немаат микрофони камери и не можат да се испрашани. А професорот пак, вели таа, бара уклучување со камера бидејќи се сомнева дека ученикот би читал, додавајќи дека би требало на сите да им се овозможат средства за настава – микрофон и камера.

„Кога одевме на училиште физички ни имавме 45 минути за секој тест. Сега имаме скратена програма и часови од 35 минути. Но не програмата навистина не делува како скратена бидејќи ние од кога сме почнати на училиште ништо не сме прескокнале или скратиле, се оценуваме за дури помалку од 35 минути бидејќи губиме време во прикачување и отварање на тестот“, вели таа.

Ученичката Мартина Крстовска вели дека таа се уште не е оценета по предметите, иако според протоколите, сите оцени требаа да бидат заклучени до 20 ноември.

Во својот став „Што им правиме на децата и на наставниците“, професорката и психолог Марија Младеновска Димитровска, вели дека на професорите им е наметната обврска и притисок да ги оценат учениците до 20 ноември, иако годината започнала на 1 октомври со бројни технички проблеми со државната платформа и курс за користење од една недела.

„Од другата страна имаме наставници кои посветено се обидуваат да го предадат материјалот на своите ученици и да си го заработат својот, не така многу платен леб и труд, наставници кои деноноќно работат да ги подготват онлајн часовите, кои претходно 6-7 часа се дале максимално пред мониторите и микрофоните, кои понекогаш некои вешти ученици им ги “мутирале“, а кои работат и од дома, кои ги занемариле и домашните обврски и своите најмили, за да ги подготват часовите, наставните ливчиња, тестовите за наредниот ден, и се така во круг секоја седмица, подготвуваат тестови, прегледуваат стотици домашни задачи кои им ги пратиле учениците во разни групи за комуникација, наставници кои се во изолација поради вирусот“, пишува Младеновска Димитровска.

Таа дополнува дека има и одделенија и класови каде наставниците не ги виделе децата, не ги познаваат, прв пат им предаваат, а треба да ги оценат, максимално објективни за ниедно дете да не биде оштетено, додека од друга страна времето е ограничено.

Со оглед на тоа што наставата оваа учебна година започна на 1 октомври, препораката на Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат беше првите сумарни оценки за секој ученик да бидат изведени до 20 ноември.

Оттаму велат дека во рамки на формирањето оценка треба да се задаваат автентични задачи кои ја елиминираат можноста за готови одговори од наставните материјали, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање на задачите. Надлежните дополнуваат дека има јасно утврдени насоки со кои ќе се заштити квалитетот на процесот на формирање на оценката. Тие информираа дела во случаите каде не може да се формира оценка онлајн, треба да се организираат индивидуални средби со учениците.

„Наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги испрати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува. Притоа критериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да бидат јасно комуницирани до учениците и родителите. Учењето во виртуелна училница е во некои аспекти предизвик, но е истовремено можност да се направи исчекор во оценувањето – да се стави акцент на посложените когнитивни процеси, односно на издвојување, разбирање, анализа и помнење на она што е навистина важно, наместо усвојување на фактографско знаење. Ова е впрочем и цел на образованието и на реформите кои ќе следуваат“, велат од надлежните институции.

И.С.