Жените од Саудиска Арабија слават откако е укината забраната за возење

Жените од Саудиска Арабија ја слават можноста да возат за прв пат по последните неколку децении, откако кралството ја укина единствената светска забрана за жените да управуваат моторизиран превоз, историска реформа која се очекува да донесе нова ера во социјалната мобилност.

Како што пренесува Гардијан, одлуката е дел од поширока тенденција на Мохамед бин Салиман за модернизација на досегашниот конзервативен пристап. Таа поттикна иницијатива на активистки кои долго време се спротиставуваa на забраната.

Откако забраната беше подигната на полноќ, жените во Ријад и другите градови почнаа да возат по улиците, пуштајќи музика од зад воланот.

„Знаев дека овој ден ќе дојде. Но, дојде брзо. Ненадејно“, рече водителката и писателка Самар Алмоген возејќи се низ главниот град. „Се чувствувам слободна како птица“, додаде таа.

ТВ-презентерката Сабика ал-Досари рече дека ова е „историски момент за секоја жена во Саудиска Арабија“, пред да го провози својот „седан“ преку границата со Бахреин.

Поништувањето на забраната, очигледен симбол на репресија, се очекува да делува трансформативно за многу жени, ослободувајќи се од зависноста на приватните шофери или машките роднини.

Еуфоријата беше помешана со доза неверување. Жените од кралството ги преплавија социјалните мрежи со фотки и видеа од своите први автомобили, а низ градовите се забележуваше силно полициско присуство.

„Ова е олемо достигнување“, рече принцот Ал-Валед бин Талат, додека ќерка му управуваше семеен SUV, а внуките аплаудираа од задните седишта.

„Сега жените ја имаат својата слобода“, додаде тој во постираното видео.