„Жени лидери“ – Говорот на Моника Пеичева, 3-то место на Ораторските вечери

Говорот „Жени лидери“ на студентката Моника Пеичева, го подели третото место на 22. Ораторски вечери „Иво Пухан“ кои се одржаа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

На финалната вечер говореа вкупно десет студенти на актуелни теми. Покрај говорот на Ливарека, која зборуваше за важноста од почитувањето на различните култури и знаењето, ораторите зборуваа и на теми како неквалитетот на образованието, корупцијата и клиентелизмот, родовата еднаквост, конформизмот…

Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува победничкиот говор на Пеичева:

„Најпрво куклите учев да ги ранам, па потоа петките во сведителство да ги редам. А сега? Сега се борам за  престижно работното место. Ама како жена.  Не е до поимот „жена“ туку до зборот „ама“. Зошто?

Затоа што жената е потиснувана со векови, а денес е поинаква. Таа е симбол на сите семејни вредности. Темел. Се вложува себе 100 проценти во сите улоги за кои уште од мало девојче е подготвувана како за во војна: биди најдобар ученик, првенец, но тоа не е доволно, освој награди, најди добар маж, задржи го и биди одлична сопруга, посветена мајка, верна пријателка, најревносен работник, секогаш професионалец, читај и образувај се, биди супер херој. Ти можеш. Ти мораш. Ти си лидер.

Клеопатра, Кралица Елизабета, Марија Кири, Мајка Тереза, Маргарет Тачер, Мерилин Монро, Опра,  Мишел Обама, Меган Маркл….

Тие го покажаа патот.

Денес – жената е лидер. Таа води. Во животот, политиката, бизнисот, семејството. Ако сакате нешто само да биде кажано, прашајте маж, а ако сакате нешто да биде сторено – повикајте жена.

Како успеаја? Како? Со многу откажувања, напорна работа, и…. многу повеќе работа.

Сакате домашни статитики? На Правниот факултет секоја година се запишуваат 60% женски, а 40% машки, и секако наназад декада, првенци во герерациите се правничките.

Зошто ве убедувам, ако бројките, ја потврдуваат тезата во првата реченица? Затоа што уште ве има таму во последните редови, кои не верувате, или некаде по дома – кои не сметате дека сте доволно добри да бидете рамноправни, да конкурирате за најплатените позиции, да мечтаете за најдобрите автомобили, за најскапите патувања – кои ќе си ги платите сами. Заради вас зборувам. За да ви кажам дека ова е ера на жените, дека некои прекрасни жени исчекориле толку многу напред, што од прашината која ја оставиле, се кренал облак, но се кристализирала вистина: Жените се лидери во 21 век.

А вам мажите, што да ви кажам? Прифатете!!! И фатете се за работа. За да не стигнете, а не да не советувате: „Затворете ги нозете, покријте се, попуштете ги фустаните, заќутете, напорни сте, барате премногу…. Да бараме. Затоа што нудиме, и затоа што конечно можеме. И да ве потсетам, секогаш повеќе зборуваме – затоа што имаме што да кажеме.

Жени: не ни треба маж зад кој ќе се сокриеме, не ни треба патоказ, не ни треба принцот на белиот коњ. Не барајте потврда за вашата вредност во неговите очи, туку во себе, само тогаш ќе најдете оној кој ве заслужува.

Следете ја својата страст, останете верни на својот сон, билдајте го своето срце, градете го своето образование.

Се бориме, паѓаме, стануваме, продолжуваме и победуваме!!!!“