ЗЕЛС: По 15-ти мај градинките и школите може да затворат поради крај на мандатот на локалната власт

По 15-ти мај може да запрат платите на вработените во градинките, основното и средното образование, јавниот превоз и противпожарната заштита може да престане, а нема да може да се вршат ни венчавки. На ова предупредија од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).

Тие на заедничка пресконференција излегоа со заеднички став и загриженост за можните последици  по нормалното функционирање на локалната самоуправа во Македонија поради истекување на законските рокови за мандатот на локалната власт.

Од ЗЕЛС информираат дека ставот на градоначалниците и советниците е дека нема да носат одлуки додека не се создадат законски предуслови за тоа, бидејќи никој не сака да влегува во незаконски поведенија.

„Министерството за локална самоуправа и Министерството за правда го известија ЗЕЛС во март дека применувајќи ги одредбите од Изборниот законик и Законот за локална самоуправа мандатот смета дека треба да престане на 15-ти мај. Нашиот страв е дека ќе настанат последици по нормалното функционирање на локалната самоуправа, односно нема да може да ги извршува своите функции, со оглед на тоа дека ниту советот ќе носи одлуки, ниту градоначалниците ќе имаат право истите да ги спроведува или да одлучува за права и обврски кои му се утврдени како надлежен со посебни закони“, рече претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски, придружуван од неговите заменици Невзат Бејта и Зоран Дамјановски.

На пресконференцијата тие наведоа некои од клучните надлежности кои можат да бидат оневозможени по 15-ти мај: Нема да можат да се издаваат градежни должности, вработените во локалната самоуправа, во градинките, основното и средното образование нема да примаат плата, додека сите институции на локално ниво нема да можат да плаќаат комуналии. Проблем во работењето на општинските јавни претпријатија, како јавниот превоз, испораката на вода, собирањето на сметот, противпожарната служба. Проблем ќе има и во функционирањето на културните институции, спортските објекти и музеи на локално ниво, додека како еден од примерите беше наведено и дека нема да може да се склучуваат бракови.

Од ЗЕЛС како единствено решение наведуваат итна реакција на македонското Собрание и постигнување договор како законски би се продолжил мандатот на локалната власт.

„Заради ова ЗЕЛС апелира и сугерира Собранието итно, најдоцна до петок оваа недела, да изнајде решение за оваа состојба, за граѓаните да не се доведат во положба која никој не ја посакува. Една од можностите е измена на Законот за избори, со што би се пролонгирале мандатите на градоначалниците и советите, а со тоа и нивните надлежности ќе можат да се извршуваат“, додаде Трајановски.