Зелените здруженија молчат – граѓаните се организираат против „Монсанто“

Зелените здруженија молчат - граѓаните се организираат против МонсантоОткако ниту македонската зелена партија ниту пак големиот број еколошки организации не застанаа зад светскиот марш против Монсанто, компанијата која е лидер во производството на генетски модифицирани семиња, граѓаните ги земаа работите во свои раце.

Една докторка, триесетина активисти- и Македонија се најде на светската мапа чии жители ќе го поддржат маршот против Монсанто. „Јавната свест мора да расте, не смееме да дозволиме ваквите семиња за влезат во Македонија“,  децидни се активистите, но и исплашени бидејќи знакот на контраверзната компанија веќе се наоѓа на македонските сајтови што продаваат хибридни семиња.

Протести против Монсанто се закажани во речиси 400 градови ширум светот. Соседството е на нозе. ГМО посеви веќе има во Србија, во Унгарија беа палени цели полиња откако се утврди дека биле посеани со ГМО семиња, во Бугарија пак поради слабата транспарентност на процесот, земјоделците се кренаа на бунт. Кај нас, официјално не се одгледува ГМО храна, но велат активистите, големите компании лесно ги купуваат малите држави.

Според најавите за 25-ти мај, македонските активисти од „GMO Free Macedonia“, ќе се соберат пред влезот на Скопската Чаршија, на платото пред стоковната куќа Мост за да дадат поддршка на Светскиот марш против Монсанто.  Нив ќе ги поддржи Здружението на млади за заштита, промоција и едукација за храна „Слоу Фуд Млади – Македонија“, кои организираат ликовна колонија со почеток во 12.30 часот.

Целта на активистите е да ги едуцираат граѓаните за опасностите од генетски модифицираната храна и семињата кои стануваат се поприсутни и во овој регион.