Здружението ЕСЕ сега нуди правна помош за жртвите на семејно насилство и преку нова онлајн платформа

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) кое од 2002 година до денес има обезбедено бесплатна правна помош и психолошка поддршка на повеќе од 4.000 жени кои се соочиле со насилство во својот дом, ги охрабрува жртвите да не молчат и да го пријават семејното насилство.

„Жртвите на семејно насилство многу често не се свесни дека им е потребна правна помош за да излезат од магичниот круг во кој се заробени. Центарот за правна помош на Здружението ЕСЕ во 2020 година даде правна поддршка во вкупно 242 различни видови случаи поврзани со семејно насилство. Пред сè станува збор за предмети за развод на брак, издршка, старателство, имотни односи, социјална заштита и кривични постапки“, вели Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ.

Жртвите на семејно насилство, како што посочуваат од ЕСЕ, може да побараат бесплатна правна помош на телефонскиот број 02 3117 866, а од неодамна и преку онлајн платформата https://pobarajsovet.mk/.