Заврши Патувачкото кино на „Македокс“, во тек се подготовките за фестивалот во Куршумли ан

Заврши Патувачкото кино на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Првпат во своето постоење, Патувачкото кино имаше регионален карактер, се одржа од 1 до 12 јули и опфати седум населени места на бреговите на Охридското и Преспанското езеро од двете страни на границата, вклучувајќи проекции на документарни филмови во Лабуништа, Бучимас, Вишни, Драслајца, Пустец, Луково и Лин.

Паралелно со активностите на Патувачкото кино се одвиваа и сесиите на третата генерација „Докуникулци“, која ја сочинуваат 12 млади од 15 до 18 години од регионот. Сесиите ги менторираа Петра Селишкар од „МакеДокс“, Еол Чашку и Аријанит Џонбалај од Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана. Проектот „Докуникулци“ годинава се реализираше како регионална платформа за стекнување знаења и искуства за креативната документаристика.

„Пред проекцијата во Луково беше направен „пичинг“ на кој девет докуникулци ги претставија своите идеи за снимање документарен филм. Меѓу темите што беа отворени во предлозите се истакнуваа впечатоците и приказните од Пустец, ученичкиот живот во интернат, приказните за возач и за правење ајвар, еколошка приказна за исчезнувањето на видовите и потрагата по македонскиот рис, но и за губењето на индивидуалноста под влијание на силна идеологија. Селекцијата на најдобрите три идеи ќе се случи пред почнувањето на фестивалот „МакеДокс“ во август“, информираат од фестивалот.

Паралелно со проекциите, а по повод неговото десетто издание почна да се снима документарен филм за Патувачкото кино на „МакеДокс“. Креативен продуцент и снимател на филмот е Бранд Ферро од МакеДокс, режисер е Питер Зак од Берлин, кој се занимава со креативна документаристика од 1993 година, ко-продуцент е Јана Цизар, која повеќе од десет години се занимава со продукција на креативни документарни филмови и живее во Берлин, а снимател на звукот е Паоло Бенвинути од Италија.

Проекциите на Патувачкото кино во селата Вишни, Драслајца и Луково беа збогатени и со документарниот филм „The Way of Clave“, кој произлезе од проектот „Ширење на видици“ (Widening the Lens). „Ширење на видици“ е дел од програмите на Communities Conecting Heritageˢᵐ, кои се финансирани од Владата на САД и управувани од World Learning. Филмот ќе има проекција и на 20 јули во „Кино Култура“ во Скопје.

Проекциите на Патувачкото кино редовно почнуваа со програма на анимирани филмови за деца од Док Лајпциг.

Патувачкото кино на МакеДокс се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм, амбасадата на Германија и овозможено е од Western Balkans Fund.

Во тек се подготовките за 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое ќе се одржи од 21 до 28 август во Куршумли-ан во Скопје. Веќе е отворен повикот за волонтери, кој трае до 25 јули, а деталите ќе ги најдете на веб-сајтот и Фејсбук-профилот на „МакеДокс“.