Затворски казни за Мијалков, Тачи и четири бивши членови на ДИК за изборни нерегуларности

Шест лица добија затворски казни од Судот во предметот „Титаник 2“ на Специјалното јавно обвинителство, за направени изборни нерегуларности за време на локалните избори во 2013 година.

Најголема казна, од 4 и пол години, доби поранешниот член на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими. Претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи доби казна затвор од 3 години и 2 месеци, додека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор во траење од 3 години.

3 години затвор е пресудата и за поранешните членови на ДИК, Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски.

Сите се осудени за делото злоупотреба на службената положба, освен Сашо Мијалков кој е осуден за примање награда за противзаконито влијание.

Обвинителката Фатиме Фетаи побара притвор до правосилноста на одлуката за Сашо Мијалков и за Бедредин Ибраими поради опасност од бегство. За останатите осудени обвинителката побара мерки за претпазливост.

Сите осудени, освен Мендух Тачи, беа присутни на читањето на пресудата.

Според обвинението, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, го искористил своето реално влијание и моќ и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.