Затворен египетски фоторепортер е добитник на лауреатот за слобода на медиумите на УНЕСКО

Египетскиот фоторепортер Махмуд Абу Заид, познат како Шавкан, е добитник на лауреатот за слобода на медиумите на УНЕСКО за 2018 година.

Тој е во затвор од август 2013 година, откако бил уапсен додека известувал за демонстрациите на плоштадот Рабаа Ал-Адавија во Каиро. Во 2017 година, медиумите известуваа дека обвинителот барал смртна казна. Обединетите Нации оценија дека неговото апсење и притворање е произволно и спротивно на правата и слободите загарантирани со Универзалната декларација за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

„Изборот на Махмуд Абу Заид оддава почит на неговата храброст, отпор и посветеност за слободата на изразување“, рече Мариа Реса, претседателка на жирито.

Наградата ќе биде доделена на 2 мај, Денот на слободата на медиумите, кој годинава се прославува во Гана.

Наградата препознава лице, организација или институција кои имале исклучителен придонес за одбрана на слободата на изразувањето, особено при опасност. Таа се доделува во чест на Гиљермо Кано Исаза, колумбискиот новинар кој беше убиен пред канцелариите на неговиот весник „Ел експектадор“ во Богота, на 17 декември 1986 година.