Градоначалникот Петре Шилегов денеска информираше дека се прекинати сите градежни активности за изградба на гасоводот на Водно се до завршување на процесот на дијалог и дебата.
Тој ги повика претставниците на надлежните државни органи за изградба на гасоводот на Водно, како и еко-активистите на дебата во понеделник (3 септември) од 13 часот во Советот на Градот.
„Изградбата на гасоводот на Водно предизвикува загриженост и реакции во јавноста. Сакам да потенцирам дека пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Токму како резултат на овие разговори успеавме да се избориме за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Но, и покрај тоа, очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот. Јас како градоначалник не можам мирно и немо да го набљудувам овој процес“, рече Шилегов.
По ова, со своја реакција се јавија и од Го сакам Водно. Нивниот став останува непроменет во однос на барањето за алтернативна траса. Потенцираат дека дебатата мора да биде во живо, јавна и достапна до секој граѓанин на Република Македонија.
„После низата настани кои се случија оваа недела и кои беа пренесени од сите национални телевизии, сметаме дека единствена форма на јавна дебата која е соодветна е во една од националните ТВ куќи која ќе има можност јавноста, веќе запознаена со случувањата, да ја следи и да се информира. Интерес има од повеќе национлани телевизии, дебатата треба да се прифати од страна на градоначалникот Шилегов и директорот на МЕР, Реџепи и заменик министерот на МЖСПП Макрадули“, велат од Го сакам Водно.
По повод повикот за дебата на градоначалникот, потенцираат дека очекувале одговор на нивниот повик за јавна дебата, а не, како што велат, целосно негово игнорирање и нудење контра повик.
„Нашиот повик за јавна дебата со Шилегов, Реџепи и Макрадули е објавен минатата недела, пред почетокот на живиот ѕид горе од среда, пред наредбата ‘гази сè пред себе’, пред нашите посочувања изработувачот да почне да поставува табли, налепници на возилата, мобилни тоалети, да носат работни елеци, итн. Никој не сè одзва на нашиот повик за јавна дебата!“, соопшти иницијативата.
Во врска со запирање на градбата на гасоводот, велат тие, сè додека МЕР не објави и потврди мораториум на градење на Водно, еко-активистите ќе бидат горе на сртот.