Започна пријавувањето за второто издание на маратонот „Водно-Матка Треил“

Пријавувањето за второто издание на планинскиот маратон „Водно-Матка Треил Маратон” кој ќе се одржи на 31 март е отворено. Настанот ќе се состои од две трки во планинско трчање – Маратон и полумаратон – кои ќе ги опфаќаат најинтересните и возбудливи делови на планината Водно и кањонот Матка, посетувајќи бројни природни убавини и локалитети со културно-историска важност. 

Тркачите ќе имаат можност да одберат некоја од двете планински трки со должина од 26 и 42 километри – маратон и полумаратон. Стартот е предвиден од месноста „Полиција” во населбата Водно, а финишот на врвот Крстовар – пл. дом Даре Џамбаз.

Временскиот лимит за минување на полумаратонот ќе биде 7 часа, а за маратонот 11 со тоа што на 27-тиот километар (Матка) ќе биде предвиден дополнителен временски лимит.

Трката е отворена за сите љубители на планината и движењето, а патеките минуваат низ едни од најинтересните делови и погледи на пределот како и бројните културно-историски локалитети во околината – вкупно 7 цркви и манастири, покрај реката Треска и езерото Матка, селото Горно Нерези итн.

Целта на настанот е да се придонесе во развојот на планинското трчање и спортовите во природа во Македонија, да се промовира активниот животен стил и рекреирањето на планина, скопскиот регион да се етаблира во светските календари за планинско трчање, но и да се покаже желбата за заштита на овој природен регион и едно од последните чисти места за спортување од понатамошна узурпација и уништување.

Минатата година учествуваа 320 тркачи од 15 држави.

Повеќе информации може да се најдат на веб-сајтот vodnomatka.mk.