Започна crowdfunding кампањата за наградување на млади бунтовни писател(к)и од регионот – „Штефица Цвек“

Регионалната иницијатива „Бунтовни читателки“ годинава по втор пат го организира книжевниот избор „Штефица Цвек“, за книги кои обработуваат феминистички и квир тематики, објавени во 2022 година, на БХСЦ и на македонски јазик.

Организаторите посочуваат дека изборот е именуван по ликот од романот „Штефица Цвек во челустите на животот“ од Дубравка Угрешиќ, не само затоа што Угрешиќ беше првата жена добитничка на НИН-овата награда туку, како што дополнуваат тие,  затоа што станува збор за класик на југословенската книжевност и неизоставен дел од регионалната феминистичка лектира.

Тие информираат дека за поголемо препознавање на автор(к)ите што пишуваат бунтовно и ангажирано, оваа година создаваат фонд за стипендирање на автор(к)ите чиишто книги ќе бидат вклучени во овогодишниот избор.

„Покрај големиот одѕив на заедницата за време донесувањето на изборот на првата ‘Штефица’ минатата година, изборот сепак имаше симболичен карактер. Сега, со помош на поголемо вклучување на јавноста и читателите би сакале да го премостиме овој недостаток, првично затоа што пишувањето е работа, но и пред сè затоа што афирмацијата на феминистичкото и ангажираното творештво е невозможна без финансиска поддршка“, велат организаторите.

Тие истакнуваат дека сите собрани средства ќе се влеат во фондот за стипендирање на автор(к)ите и ќе бидат подеднакво распределени на сите победници на овогодишниот избор „Штефица Цвек“, кои ќе бидат објавени во јуни оваа година за време на книжевниот фестивал „Крокодил“, во Белград, Србија.

Колективот кој го организира овој книжевен избор вклучува претставници/чки од: „Pobunjene čitateljke“ (Србија), „Kulturtreger“ (Хрватска), „Коалиција Маргини“ (Северна Македонија), „Ženska čitaonica“ при ПЕН Центарот (во Босна и Херцеговина) и повеќе независно вклучени членки кои се книжевни критичар(ки) и културни работнички/ци.

Регионалната иницијатива „Бунтовни читателки“ години наназад ја следи домашната и регионалната книжевна продукција и интервенира во јавните културни политики, кои честопати го занемаруваат феминистичкото творештво. Изборот нема натпреварувачка природа (не се доделува една награда, туку се прави избор на книги што сметаме дека се вредни за внимание) и не прави хиерархизација меѓу избраните дела.

Шестиот број од книжевниот билтен „Побуњено читам“ е посветен на македонската книжевност