Запленетите гуми за греење во Карпош подарени на ЗОО Скопје како реквизити за животните

Комуналните служби на Општина Карпош вчера исчистија дива депонија во областа Горно Нерези, при што запленија поголемо количество на гуми.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, преку Твитер информираше дека гумите се подарени на ЗОО – Скопје каде ќе бидат адаптирани за реквизити или живеалишта на дел од животните.

„Една од главните причини за аерозагадувањето е начинот на греење на домаќинствата, а анализите покажуваат дека голем број на домови се греат токму на отпадни гуми. Ваквиот начин на загревање е еден од главните загадувачи на воздухот, иако се идентификувани и други несоодветни отпадни суровини кои алтернативно се користат за затоплување во индивидуалното домување. Нашите инспектори се постојано на терен, во контрола и обид за спречување на употребата на ваквите штетни емитери на опасни честички во воздухот“, соопштија од Општината.

Комуналните служби на Општината денеска расчистуваа и дива депонија долж булеварот „8 – ми Септември“, во Тафталиџе 1, каде биле отстранети поголеми количества пластика, стакло и друг вид отпад.