Замисли го Скопје како вело-град… како е таму? – Нова Критична маса во среда

Иницијативата „На Точак“ за среда ја најавија 63-тата Критична маса, која ќе започне во 19 часот од Плоштад Македонија и на која граѓаните треба да ја споделат нивната визија за тоа како го замислуваат Скопје како вело-град.

„Колку пати си се пожалил на условите за возење точак во Скопје… И колку пати си посакал да бидат поинакви… Сигурно си замислувал како би можело да биде…Сигурно имаш предлог како да се подобри…
Сподели ја твојата #веловизија користејќи го овој хаштаг. Замисли како изгледаат поправени ситните инфраструктурни проблеми или твоето секојдневно искуство или како е променета големата слика за Скопје…
Замисли го Скопје како вело-град… И, како е таму? :)
***Доаѓаат локални избори. Како граѓани да им дадеме акцент на позелените, поздравите и поквалитетни замисли за Скопје. Обично таквите визии за градот се ставени во секторот “алтернативни“, додека во мејнстримот се одржува статус-квото, а тоа за Скопје значи: тонење во загаденост, небезбеден сообраќај, хаос, неквалитетен град за живот.
Нека почне поместувањето на статус-квото од нас!“, напишаа од иницијативата во повикот за настанот.

„На Точак“ е неформална група скопски велосипедисти, оформена првично преку социјални мрежи. Цел на „На Точак“ и на организирањето на Критична маса во Скопје е популаризација на точакот како урбано превозно средство.