Закерберг наспроти американските сенатори

Извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг за првпат се соочи со американскиот Конгрес поради скандалот со „Кембриџ Аналитика“.

Закерберг одговараше на прашања од сенаторите и судските комитети во врска со приватноста, копањето по податоците, регулациите и „Кембриџ Аналитика“ за време на петчасовното сослушување.

„Верувам дека е важно да им се каже на луѓето точно како информациите што ги споделуваат на Фејсбук ќе бидат искористени“, рече Закерберг.

„Затоа, секогаш кога ќе споделите нешто на Фејсбук, дали е фотографија, порака, секој пат, има контрола за тоа со кој сакате да го споделите тоа… и може да го промените и да го контролирате тоа“.

„Во однос на пошироката идеја за политиката за приватност… долгите политики за приватност се многу збунувачки. И ако ги направите долги и ги опишувате сите детали, тогаш најверојатно ќе го намалите процентот на луѓе што ги читаат и им се достапни”, додаде Закерберг.

Во однос на сопствената приватност, сенаторот Дик Дурбин го праша дали би сакал да го сподели името на хотелот каде престојува.

„Не. Веројатно не би избрал да го направам тоа јавно, овде“, одговори тој. „Мислам дека секој треба да има контрола за тоа како нивните информации се користат“.

Прашан за скандалот со „Кембриџ Аналитика“ Закерберг изјави:

„Кембриџ Аналитика не ги користеше нашите сервиси во 2015 година, колку што знаеме… Тие не беа огласувач. Тие не водеа страници. Така што немавме што да забраниме“.

Подоцна, Закерберг се поправи во изјавата.

„Колку што разбрав тогаш… тие не беа на платформата, тие не беа развивачи на апликација или огласувачи. Кога се вратив и се сретнав со мојот тим подоцна, тие ми кажаа дека „Кембриџ Аналитика“ всушност почнале со огласување во 2015 година“.

„Така што, во теорија можевме да ги забраниме тогаш. Ние направивме грешка што не го направивме тоа. Но, само сакав да се осигурам дека го ажирирав тоа бидејќи јас…јас…јас не бев јасен, или го сфатив тоа погрешно“, изјави Закерберг.

„Кога добивме одговор од Кембриџ Аналитика дека не ги користат податоците и ги избришале, ние тоа го сметавме за затворен случај. Ако се погледне наназад, тоа очигледно е грешка. Не требаше да ги земеме за збор. Ние ја ажуриравме нашата политика за да се осигураме дека нема да ја направиме таа грешка повторно“, додаде тој.

Кога станува збор за собирање и продавање на лични податоци, Закерберг изјави:

„Да, ние прибираме податоци… дел од таа содржина е со согласност на луѓето“.

„Често има погрешно сфаќање дека ние ги продаваме податоците на огласувачи. Ние не продаваме податоци на огласувачи“, додаде тој.

„Она што го дозволуваме е огласувачите да ни кажат до кој сакаат да стигнат, а потоа ние го спроведуваме поставувањето… Тоа е основен дел од тоа како нашиот модел функционира и е нешто што често е неразбрано“.

На прашање на сенаторот Теми Болдвин за тоа дали неврологот Александар Коган од Универзитот Кембриџ ги продал податоците од Фејсбук освен на „Кембриџ Аналитика“, Закерберг одговори потврдно.

„Ние ја истражуваме секоја апликација која имала пристап до огромна количина на информации во минатото. Ако дознаеме дека некој несоодветно користел податоци, ние ќе ги отстраниме од Фејбук и ќе ги информираме сите што се погодени“, објасни тој.

„Мојата позиција не е дека не треба да има регулација“, продолжи Закерберг.

„Мислам дека вистинското прашање, како што интернетот станува се поважен во животот на луѓето, е тоа што претставува вистинска регулација, а не дали е потребна или не“.

Во однос на руското мешање во изборите, тој одговори:

„Едно од моите најголеми каења во водењето на компанијата е тоа што бевме бавни при идентификување на руските информациски операции во 2016 година“.

„Ние започнавме истрага… претпоставувам дека ќе најдеме нешто“.

„Има луѓе во Русија чија работа е да се обидат да ги експлоатираат нашите системи и други интернет системи,“, рече тој.

„Ова е трка што се води. Се додека има луѓе кои седат во Русија и чија работа е да се обидат да влијаат на изборите низ светот, ова ќе биде тековен конфликт“, заклучи Закерберг.

Закерберг призна дека тоа е негова грешка и дека му е жал.

„Го започнав Фејсбук, го водам и сум одговорен за тоа што се случува овде.

Јасно е дека не направивме доволно за да спречиме овие алатки да бидат злоупотребени. Тоа се однесува за лажните вести, надворешните влијанија во изборите, говорот на омраза, како и за приватноста на податоците“, посочи извршниот директор на компанијата.

Целосен транскрипт од сослушувањето на Закерберг може да прочитате на следниот линк.