Загадениот воздух продолжува да ги труе граѓаните

И викендов концентрациите на прашина во воздухот во Скопје и Тетово беа далеку над дозволените граници. Загадувањето со ПМ10 честички останува проблем и во градовите како Кавадарци, Битола и Струга. Освен препораки, речиси и да не се преземаат конкретни мерки за надминување на проблемот.

Според податоците од Министерството за животна средин, изминативе четири дена средната дневна концентрација на суспендираните честички ПМ10 е над дозволените 50 микрограми на метар кубен. Доколку оваа состојба трае пет дена, Министерството за животна средина дава препораки до граѓаните како: возење со јавен превоз, за затоплување на простории да не се користат производи како прегорено отпадно масло, лакирани отпадоци, пластика , гума, да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливите категории граѓани и на лицата кои работат на отворенпростор.

Иако во текот на денот концентрацијата на честичките ПМ10 е помала отколку во вечерните часови, во Скопје се чувствува непријатен мирис и со голо око се гледа завесата од прашина во воздухот. Викендов во некои скопски населби беа измерени концентрации на ПМ10 повисоки од 400 микрограми на метар кубен, или осум пати повеќе од дозволените 50. Во Тетово синоќа беа измерени 553 микрограми ПМ10 честички во воздухот. Максималните концентрации на ПМ10 измерени викендов во Кавадарци, Битола и Струга пак се движеа меѓу 200 и 350 микрограми  на метар кубен.

Како конкретна мерка за намалување на загадувањето, Градот Скопје од вчера започна со третирање на неколку сообраќајници во центарот на градот со средството Калциум магнезиум ацетат, кое според најавите, треба да доведе до намалување на прашината од 10 до 30 проценти. Вчера и денеска со средството се третираа булеварот „Свети Климент Охридски“ и улиците „Свети Кирил и Методиј“ и „Јордан Мијалков“, каде е ограничена брзината на 40 километри/час, заради можна лизгавост на коловозот.

Доколку вредностите на канцерогените честики ПМ10 ја надминат дозволената вредност 10 дена по ред, тогаш се отвора можноста за воведување бесплатен јавен превоз, и возење на автомобилите по системот пар- непар.

Алармантното загадување на воздухот во зимскиот период во градовите како Скопје и Тетово не е новина. Кога пред две години македонските граѓани со недели дишеа презагаден воздух покрај редовните препораки, од работа беа ослободени трудниците и лицата постари од 60 години, имаше ограничувања на товарниот сообраќај, како и барања за редуцирано работење на фабриките. Освен овие мерки, владата тогаш го задолжи Јавното претпријатие Македонски Шуми да обезбеди и посебна „машина за садење на веќе порастени дрвја во градските средини.“ Тогаш од Министерството за здравство ги најавија и двата мобилни апарати за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух, со кои за првпат требаше да се докажува поврзаноста на загадениот воздух и загадувачот.

Две години подоцна, загадениот воздух продолжува да ги труе македонските граѓани.