Заев: Ветивме дека нема да воведуваме избрзани и нефункционални проекти во образованието

Јавна расправа, насловена како „Јасна визија за квалитетно образование“, вчера се одржа во Владата на Северна Македонија, на која претставници од владата, образовните институции, меѓународните организации и други засегнати страни дискутираа за потребните реформи во образованието.

Премиерот Зоран Заев потенцираше дека Владата е посветена на спроведување на реформите во образованието, кои се исклучително важни за обезбедување на квалитетен живот на младите, поттикнување и зголемување на економскиот развој и раст на севкупната наша економија.

„Во Програмата за работа на Владата, ветивме, дека нема да воведуваме избрзани и нефункционални проекти, туку мерките и реформите во образовниот процес ќе ги носиме преку одржување на јавни дебати со сите засегнати страни. Денеска разговараме јавно за интересите на наставниците, учениците, професорите, нивните родители. Ние како Влада, ги почитуваме современите европски практики, според кои основни и најважни столбови на општеството се обезбедувањето на инклузивно, недискриминаторско и квалитетно редовно образование за сите деца без исклучок, првенствено за учениците со посебни потреби и учениците од останатите ранливи категории“, истакна премиерот Заев.

Зборувајќи за „Прегледот на ОЕЦД за евалуација и оценувањето на образованието во Северна Македонија“, кој беше презентиран на дебатата, а со кој се анализира периодот од 2000-2015 година, министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека анализата доаѓа во многу важен момент кога се разгледува воведувањето на ново национално оценување, чија главна цел ќе биде да им помага на училиштата да развиваат поквалитетна настава и ќе служи за понатамошно креирање на политики кои, како што рече, отсега ќе бидат базирани само на внимателно прибирани и анализирани докази.

Претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Бенџамин Перкс истакна дека анализата направена со Министерството за образование и ОЕЦД укажува на голем број причини, вклучително и години на реформи кои не се изградиле врз основа на докази и не се фокусирале на реалните и индивидуалните потреби на учениците, што довело до демотивација на работна сила во просветителството.

„Сите истражувања покажуваат дека главниот двигател на добри образовни резултати е квалитетот и компетентноста на наставата. Ова мора да биде нашиот колективен приоритет за инвестирање: поддршка и мотивирање на наставниците да го искористат својот интелект, мудрост, интуиција и креативност“, објасни Перкс.

На крајот на денешната јавна расправа со конкретни предлози и сугестии во дискусијата се вклучија и присутните претставници на образовните институции, меѓународните организации, други засегнати страни и чинители со желба за придонес во успешноста на реформите во образованието, соопштија од Владата.