Заев: Поддржувам декриминализација и легализација на марихуаната

Премиерот Зоран Заев изрази поддршка за декриминализацијата на марихуаната, која е почната во Собранието и додаде дека со нејзината легализација ќе можат да се унапредат оние дејности коишто многу малку учествуваат во македонскиот БДП.

„Верувам дека во иднина ќе се створи амбиент, лично поддржувам и легализација заради тоа што преку таа мерка ќе можеме да ги унапредиме услужните дејности коишто многу малку учествуваат во нашиот БДП“, рече Заев.

Според него, има позитивен одек во јавноста за декриминализацијата на канабисот.

„Ќе се зголеми угостителството и туризмот во државата. Сите постојни и нови објекти согласно лиценци кои ќе ги добијат ќе можат да услужуваат марихуана и канабис кој може да помогне за развојот на услужната дејност во државата“, вели Заев.

Тој вели дека очекува најтранспарента постапка, односно ќе ги искористи сите можни потенцијали за рестарт за македонската економија.

Пред 10-ина денови се одржа Македонскиот канабис форум, каде од политички, медицински, бизнис и од аспект на човекови права, поголемиот дел од панелистите се придружија на барањата за декриминализација и легализација на канабисот во Македонија. Партии што изнесоа ставови за поддршка беа СДСМ, ДОМ, ЛДП и Левица.

Здружението „Билка“ периодов упати 10 барања, меѓу кои да се зголеми бројот на состојба и болести со кои може да се третира канабис и да се препишува и од приватно, а не само од јавно здравство.

Побараа декриминализација на канабис преку измени во Кривичниот законик, со дозволена количина за лична употреба од 50 грама, во услови кога нема други елементи на продажба. Бришење и на кривична евиденција на сите уживатели на канабис, за кои рекоа се илегално гонети по упатство од Обвинителството за „намера за продажбa“.

„Билка“ бара и легализација на канабис како нормален тек по декриминализацијата. Односно, дозволено одгледување до десет стебла за медицински цели од лица кои имаат медицинска потреба и до три растенија за рекреативна употреба, се’ со задолжителна регистрација при државно тело. Исто така, посебен Закон за канабис, Lex specialis.

„Билка“: Небулозно е канабис да се препишува само за четири болести, кога во светот се користи за над 100  

Периодов актуелни беа и организациите здружени под името „Операција ослободување“. Тие се за декриминализација на канабисот, зголемување на медицинските состојби и болести за кои би се препишувал, но и да се овозможи основање и работење на социјални клубови. Побараа во Агенцијата за канабис да има независно тело-комисија составено од претставници на граѓанскиот сектор, а во Законот за контрола на опојни дроги – формирање на Фонд наменет за програми за маргинализирани групи и лекување на разни болести.

Здружени организации тргнаа во „Операција ослободување“ на канабисот