„Заедно посилни“: Пандемијата не смее да ги намали напорите за справување со епидемијата на ХИВ

Здружението „Заедно посилни“ испрати апел по повод Светскиот ден на СИДА, 1 декември, во кој потсетуваат дека актуелната пандемија не смее да ги намали напорите за справување со епидемијата на ХИВ.

Тие укажуваат дека Ковид 19 пандемијата изнесе на виделина многу предизвици со кои се соочуваат здравствените системи ширум светот во справувањето со нови вирусни или други инфекции. Од друга, додаваат, неколкудецениското искуство на светот од справувањето со епидемијата на ХИВ, нуди незаменливи лекции што треба да се искористат и во одговорот кон новиот коронавирус.

„КОВИД-19 е едно непријатно потсетување дека разни патогени организми се постојана можна закана за човештвото. Здравствениот систем мора да биде подготвен и флексибилен да одговори брзо и ефикасно на сите здравствени предизвици во услови на една таква активна закана. Но, на КОВИД-19 треба да се гледа и како на можност да се преосмислат системите за здравје, кои ќе даваат вистински резултати, засновани врз почитување на човековите права и еднаков третман на сите, ќе бидат ефикасни, како и соодветно финансирани.

Укажуваме дека интензивниот фокус на пандемијата на КОВИД-19, не смее да ги намали напорите да се справиме со епидемијата на ХИВ, која сè уште е активен проблем на јавното здравје во Македонија и на луѓето засегнати од овој вирус. Во согласност со насоките на Светската здравствена организација, земјите мора да осигурат непрекината достапност на основните услуги за превенција и лекување на ХИВ-инфекцијата во рамките на ургентниот одговор кон КОВИД-19, за што се неопходни соодветни ресурси и механизми“ велат од „Заедно посилни“.

Тие се загрижени поради фактот што оваа година е значително намалена стапката на новооткриени случаи на ХИВ и досега изнесува помалку од половина од бројот на откриени случаи минатата година. Сметаат дека ова може да се објасни со кризната состојба, но не смее да се занемари.

„Очекуваме буџетот за антиретровирусна терапија да се планира врз основа на потребите и да се сообразува со зголемениот број пациенти што имаат потреба од терапија секоја наредна година. Потсетуваме дека  вкупниот број пациенти на терапија во последниве 3 години се зголемил за повеќе од половина во однос на состојбата од крајот на 2017 година. За ова прашање апелираме да се изнајде итно решение за 2021 година.

Потсетуваме дека човештвото не е осудено вечно да живее со ХИВ. Денес знаеме дека на епидемијата на ХИВ може да и се стави крај до 2030 година, а знаеме и како. Неопходна е континуирана политичка волја и континуирани инвестиции кои се потпираат врз докази и анализа на состојбите“, велат од здружението.

Тие се заблагодаруваат на сите здравствени работници, но пред се на вработените на Клиниката за инфективни болести за „натчовечките напори што ги прават за да спасат животи, а во исто време да ја одржат и редовната грижа за пациентите со ХИВ.“