Забрана за пејачи и диџеи, потивка музика во баровите и најмногу 4 гости на маса, препорачува Комисијата за заразни болести

Министерот за здравство Венко Филипче по состанокот со Комисијата за заразни болести најави дека до владата ќе предложат повеќе нови мерки, најголем дел од нив поврзани со работата на угостителските објекти, за да се спречи ширењето на коронавирусот.

„Денеска Комисијата донесе неколку предлози коишто ќе бидат доставени на денешната седница на Владата, тоа се следни: прво, да се забрани гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти. Потсетуваме, дека дискотеките и ноќните клубови не добија дозвола за работа, инсистираме да се почитува работното време во угостителските објекти до 12 во работни денови, и 1 часот после полноќ за викенд. Се намалува дозволената гласност на музиката и се ограничува до 55 децибели согласно нашиот правилник на Министерството за здравство, со цел да се намали поголемата концентрација на луѓе на едно место. Препорачуваме и да се намали бројот на луѓе коишто може да седат на една маса во угостителските објект од сега дозволените 12 на 4. Го очекувавме ова, го најавувавме тој зголемен притисок, мини бран што требаше да се јави во есенските месеци заради поголемата концентрација на луѓе веќе после завршување на годишните одмори“, потенцираше министерот.

Филипче посочи дека има зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20 години и истакна дека нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 години, и под 10 години.

Тој посочи дека најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години, и од 30 до 40, нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години.

Новите препораки следуваат откако претходните два дена во Северна Македонија се регистрираа преку 200 новозаболени дневно, а викендов јавноста беше револтирана од снимките кои се споделуваа на социјалните мрежи од разни клубови низ земјата во која воопшто не се почитуваат протоколите за заштита од Ковид-19.

Во моментов во земјава бројот на активни случаи на заболени со коронавирусот е 2.693 лица.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.