За упис во две медицински училишта и гимназија ќе има квалификациони тестови, вкупно запишани 11 826 ученици

Квалификациони тестирања на 21 јуни ќе има во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје (за гимназиско образование на македонски наставен јазик) , во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје (за стручно образование- здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик), во СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица  (за стручно образование- здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик), соопштија од Министерството за образоание и наука.

Вакви тестирања, се одржуваат и во средните училишта во кои се реализираат наставни планови и наставни програми за уметничко образование.  Училиштата во кои ќе се реализира квалификационо тестирање, конечните ранг листи ќе ги објават на 21 јуни 2019 година.

По објавување на ранг листите со резултатите од запишувањето, учениците кои не се запишани во училиштето во кое полагале квалификационен испит, доставена документација ќе треба да ја подигнат во рок од 48 часа.

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни 2019 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни 2019 година.

Инаку ранг листите со резултатите од запишувањето и слободните места од првото пријавување и запишување на учениците се објавени денеска. Онаму каде што има слободни места, за второто пријавување, училиштата можат да го намалат утврдениот број на минимум поени дадени во Конкурсот, најмногу до 10 поени, освен за гимназиско образование, економско – правна и трговска струка и здравствена струка. Намалување на поените нема да има во гимназиско образование, економско – правна и трговска струка и здравствена струка.

Во првото пријавување вкупно се пријавија 16 676  ученици, а по првото пријавување вкупно се запишаа 11 826  ученици. Според видот на образованието, во првото пријавување запишани се вкупно 4 464 ученици во гимназиско образование , 7 000 ученици во стручно образование, 242 ученици во Спортска академија, 120 ученици во спортска гимназија.

 

Слободни места за второто пријавување има за вкупно 23 410 ученици, од кои во гимназиско образование се 5 983 места, во стручно се 17 275 слободни места.

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни 2019 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни 2019 година. Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во еден уписен рок со три пријавувања, две пријавувања во месец јуни и едно пријавувања во месец јули.

Средни училиштата во кои е завршен конкурсот за примање нови ученици

Конкурсот за запишување ученици е завршен за гимназиско образование во: СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола; СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ – Град Скопје, СУГС Гимназија „Никола Карев“ – Град Скопје и во СУГС „Георги Димитров“ – Град Скопје.

Конкурсот за запишување ученици е завршен за здравствена струка во: ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ – Битола, за образовниот профил медицинска сестра во паралелките на македонски наставен јазик; СОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес за образовниот профил медицинска сестра во паралелките на македонски наставен јазик; СОУ„Наце Буѓони“ – Куманово за образовниот профил медицинска сестра во паралелките на албански наставен јазик; СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид за образовниот профил медицинска сестра во паралелките на македонски наставен јазик; СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп за образовниот профил: медицинска сестра, фармацевтски техничар и гинеколошко – акушерска сестра во паралелките на македонски наставен јазик; СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје, медицинска сестра на албански наставен јазик, забен техничар на македонски и албански наставен јазик, фармацевтски техничар на македонски и албански наставен јазик, медицински лабораториски техничар на македонски наставен јазик и физиотерапевтски техничар на македонски јазик; СУГС „Марија Склодовска Кири“ – Град Скопје медицински лабораториски техничар на албански наставен јазик; СОУ „Нико Нестор“ – Струга за образовниот профил медицинска сестра во паралелките на албански наставен јазик; СОУ „Димитар Влахов“ – Струмица, за образовните профили фармацевтски техничар и физиотерапевтски техничар во паралелките на македонски наставен јазик; СОМУ „Никола Штејн“ – Тетово, за образовниот профил болничар-негувател на албански наставен јазик; СОУ „Јане Сандански“ – Штип, за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик.

Конкурсот за запишување ученици е завршен за економско – правна и трговска струка во СУГС „Цветан Димов“ – Скопје, за образовниот профил продавач – референт за продажни услуги во паралелките на албански наставен јазик.

Конкурсот за запишување ученици е завршен за угостителско – туристичка струка во СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип, за образовните профили келнер – готвач во паралелките на македонски наставен јазик и во СОУ „Коле Неделковски“ – Велес за образовните профили келнер – готвач во паралелките на македонски наставен јазик.

Конкурсот за запишување ученици е завршен за лични услуги во СУГС „Димитар Влахов“ – Скопје, за образовниот профил фризер во паралелките на албански наставен јазик и во СОМУ „Никола Штејн“ – Тетово, за образовниот профил техничар за козметичка нега и убавина во паралелките на албански наставен јазик.

Конкурсот за запишување ученици е завршен за електротехничка струка во: СОУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика во паралелките на македонски наставен јазик; СОУ „Ѓошо Викентиев“ – Кочани за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика во паралелките на македонски наставен јазик; СОУ „Ристе Ристески Ричко“ – Прилеп за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика во паралелките на македонски наставен јазик; СОУ „Нико Нестор“ – Струга за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика во паралелките на македонски наставен јазик; СОУ „Никола Карев“ – Струмица за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика во паралелките на македонски наставен јазик, СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип, за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика во паралелките на македонски наставен јазик, во СОУ „Илинден“ – Илинден за цела електротехничка струка.

Конкурсот за запишување ученици е завршен за машинска струка во: СОУ „Никола Карев“ – Струмица за образовниот профил машински техничар за моторни возила во паралелките на македонски наставен јазик.

Конкурсот за запишување ученици е завршен за Хемиско – технолошка струка во: -СУГС „Марија Склодовска Кири“ – Град Скопје техничар за заштита на животната средина и прехранбен техничар на албански наставен јазик.