Патниците со наполнети пет години, меѓу кои и оние од Македонија, без разлика дали се вакцинирани или не или дали прележале КОВИД-19, од утрово во Грција можат да влегуваат само со негативен ПЦР или рапид тест.
Како што пишува агенцијата МИА, се работи за привремена и вонредна мерка за празничниот период во пресрет на Божиќ и Нова година, а засега, одлуката е со траење до 10 јануари 2022 година.
Негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид 24 часа пред пристигнувањето, заедно со пополнет PLF формулар (Passenger Locator Form) се задолжителни за влез во Грција. Формуларот треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код.
Невакцинираните и оние кои не прележале КОВИД-19, а пристигнуваат од 16 конкретни земји, меѓу кои и Македонија, задолжително ќе бидат тестирани по влезот во Грција, нешто што веќе извесен период се применува.