„Warm-up“ забава во МКЦ за десеттиот „МакеДокс“

Тимот на „MaкеДокс“ на 14 август од 21:30 часот во МКЦ организира „Warm-up“ забава за загревање и придвижување на машинеријата на фестивалот, со цел, како што велат, да го направат и времето и Скопјето поубаво.

„Дојдете во парк МКЦ и први дознајте ги изненадувањата и програмата кои ви ги подготви ‘МакеДокс’ за десеттото издание!“, велат од „МакеДокс“.

За размрдување на аудиториумот ќе биде задолжен Диџеј Флудер.

„Среќни сме што десеттиов слој само им претходи на нештата што чекаат да бидат (повторно) откриени. Да ги откриваме заедно! Кромидот е нашето сонце, силата што нè носи напред. Во животот постојат нешта што не треба да се испуштат“, стои во најавата за  „MakeDox 10 Warm-up“.

Инаку, фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржува од 21 до 28 август.