Второ издание на „Festival on Wheels” во Струга

Викендов (4-ти и 5-ти јули) на Летната сцена во Струга, со „Недела на Италијанскиот филм”, започнува второто издание на фестивалот на европски филмови во градовите низ Македонија „Festival on wheels 2015”.

Љубителите на филмската уметност од Струга, како и многубројните гости во овој град ќе имаат можност да уживаат во изборот на филмови од новата италијанска продукција, кои својата проекција ќе ја имаат под отворено небо, на екранот на Летната сцена во Струга.

Во сабота, на 4 јули ќе бидат прикажани, во 20,00 часот „Shun Li and the poet“ во режија на Андреа Сегре со Раде Шербеџија во главната улога, и од 21,30 часот „Ritual-a Psyhomagic story“ од Џулија Брацале и Лука Имеси, во главните улоги настапуваат Дезире Џорџети и Иван Франек.

Во недела, на 5 јули, со почеток од 20 часот ќе биде прикажана комедијата „Song E’ Napule“ од Марко и Антонио Манети, а од 21:30 публиката на Летната сцена ќе има можност да го погледне „Moonwalking Distance“ од Франческо Калабрезе и Енрико Ауденино, со Ремо Гироне Стефанија Касини во главните улоги.

Фестивалот e во организација на Катавеј од Скопје, со поддршка од Агенцијата за филм на РМ и во соработка со Домот на Култура „Браќа Миладиновци“ од Струга.

И оваа година фестивалот ќе има свои изданија во 5 градови во Македонија – Струга, Дојран, Штип, Куманово и Прилеп. Во секој град ќе се одржуваат тематски проекции на филмови од различни европски филмски центри, со тематски филмски работилници водени од еминентни филски работници, како и неделно детско матине со проекција на анимирани филмови.