Врховен судија во Индија предложил силувач да се ожени со жртвата за да избегне затвор

Врховен судија во Индија се соочува со отказ откако предложил обвинетиот силувач да се ожени со жртвата која што се’ уште оди во училиште за да избегне затвор.

Над 5.000 лица ја потпишаа петицијата која бара отказ за врховниот судија откако при судење на случај за силување му предложил на обвинетиот да се ожени со својата жртва.

„Ако сакаш да се ожениш со неа, ние ќе ти помогнеме. Ама ако не се ожениш, ќе ја изгубиш работата и ќе одиш во затвор“, изјавил судијата при судењето.

Коментарите на судијата предизвикале лавина од негативни коментари, а активистите за женски права започнале петиција за негово отпуштање на која се потпишале над 5.200 лица.

Според петицијата, обвинетиот се товари за следење, заробување и повеќекратно силување на девојка, на која и се заканувал дека ќе ја запали со бензин и ќе го убие нејзиниот брат.

„Со вашата сугестија дека силувачот треба да ја ожени жртвата, вие, врховниот судија во Индија, ја втерувате жртвата во рацете на силувачот и ја осудувате на доживотно силување од страна на злосторникот кој бил причина за нејзиниот обид за самоубиство“, се вели во петицијата.

Високиот степен на сексуално насилство во Индија е во фокусот на интернационално внимание уште од 2012 година, кога ученичка во Њу Делхи беше силувана од неколку мажи, а потоа и убиена. Во Индија, жртвите од сексуално насилство најчесто добиваат и сексистички третман од полицијата и судовите. Тие често се охрабрувани да се венчаат со нивните злосторници за да се постигне компромисно решение.

Петицијата привлекла внимание и за уште едно судско пресудување во кое судијата запрашал дали сексот помеѓу венчан пар може да се смета за силување.

„Мажот може да е брутален, но дали сексуалниот одност помеѓу венчан пар може да е силување“, запрашал тој.

Според објаснувањето во петицијата, ваквиот коментар од судијата, не само што го дозволува сексуалното, физичкото и менталното злоставување од страна на сопрузите, туку и го нормализира малтретирањето што го преживуваат индиските жени во браковите.

Силувањето во бракот не е казниво во Индија, а судијата не се огласил по негативните критики.

Претходниот врховен судија, Ранџан Гогои, беше највлијателното лице кое се соочи со обвинувања за сексуално насилство, откако поранешна вработена го обвини за сексуален напад. Тој бил отстранет од функцијата, а обвинувањата предизвикале протести на територијата на цела Индија.

Извор: Guardian