Времена забрана за издавање дозволи за градба и легализација во Охрид

Охридскиот регион привремено ќе „здивне“ од издавање одобренија за градби и донесување на урбанистички планови. Владата на вчерашната седница утврди предлог-закон за управување со природното и културното наследство.

„Во Предлогот на законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион се имплементирани обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура, и се создаваат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој“, стои во владиното соопштение.

Најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегување  во сила на законот треба да се донесе План за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион.

Од Владата велат дека посветено работеле на донесувањето на овој закон, но деновиве екологистите и УНЕСКО јасно испратија порака дека Охридскиот регион е во ранлива состојба, бидејќи властите не успеале да ги исполнат приоритетните препораки во зададената двегодишна рамка. Во извештајот на организацијата се напоменува дека поголемиот дел од барањата на Комитетот и препораките од 2017 година се неисполнети.

Поради ова, УНЕСКО препорачува Охрид да биде ставен на Листата на загрозено светско наследство.

Eко-здружението „Фронт 21/42“ учествуваше во работната група што го изготвуваше текстот за новиот Закон. Но, оттаму посочуваат дека во последен момент, зад затворени врати и без нивниот претставник, се усвоил текст во кој недостасуваат клучни одредби.

„По обелоденување на оваа информација во медиумите, Владата експресно (запомалку од една недела) ги врати одредбите во Законот, и така го усвои на седница. Сето ова по објавување на нацрт одлуката на Комитетот за светско наследство. Според нас ова преставува уште еден обид да се прикаже грижа во очите на УНЕСКО и да се прикрие реалната состојба на терен – континуирана урбанизација и легализација на дивоградби. Вистинската грижа ќе започне кога ќе се донесе мораториум кој целосно ќе се почитува и ке влезе во одлучна и храбра борба против дивоградбите“, сметаат од „Фронт 21/42“.

Екологистите, иако жалат, ја поздравуваат одлуката на УНЕСКО, бидејќи како што велат, само така ќе се зачуваат универзалните вредности кои останале, а можеби ќе се подобри состојбата на оние кои се веќе уништени.

„Веќе две години упорно и укажуваме на актуелната власт дека инвестирањето на време и други ресурси во обиди да се прикаже грижа, наместо навистина да преземат мерки и активности за заштита на единственото богатство од светски калибар во земјава е многу погрешна стратегија“, велат од „Фронт 21/42“, посочувајќи неколку примери.

„Надзорната расправа во Собранието која заврши со заклучоци кои навидум најавија драстична промена на претходната политика и решеност за справување со илегалните активности и деструкцијата – заклучоци кои не се реализираа, ниту пак некоја институција покажа намера да ја следи и обезбеди нивната реализација. Прикажување на работата на Комисија за управување со Охридскиот регион како спроведување на препораката за мораториум во извештајот на нашата земја до УНЕСКО е уште еден очигледен пример – во извештајот се наведува дека Комисијата одобрила само 8 од 33 барања кои пристигнале до неа во обид да се почитува препораката за мораториум и спроведе „контролирана урбанизација“. Она што е изоставено во извештајот се одлуките за легализација на над 500 илегални градби, владините планови за Коридорот 8, новата марина, новата урбанизација на крајбрежјето, новиот кеј, планот за нова индустриска зона, итн“.

Од „Фронт 21/42“ уште еднаш побараа од власта вистински да се посвети и да почне да се грижи за единственото природно и културно наследство во земјава и едно од 7-те мешовити наследства на европскиот континент.