„Вози внимателно, некој те сака“ – младински настан во Велес

Неформална група на средношкоци и граѓански активисти од Велес го организираа настанот „Вози внимателно, некој те сака“ со цел да влијаат врз подобрување на сообраќајната култура помеѓу младите.

„Вози внимателно, некој те сака“, „Не седнувај зад волан пијан, за твојата забава плаќа некој друг“, „Твоите 5 минути, чинат нечиј живот“, „Напијте се кафе со нас и помогнете да ја подигнеме сообраќајната култура“ се дел од пораките кои испишани на флаери ги делеа младите од Велес.

„Свесни сме дека во последно време има многу млади кои возат непрописно и нивната сообраќајна култура е на многу ниско ниво . Тие млади возачи користат и пороци додека возат, на пример, ќе отидат на забава и ќе земат некакви супстанци и после тоа ќе се качат на мотор или во кола. Тоа се причините поради кои повеќето од сообраќајките се случуваат и гинат млади луге“, рече  средношколката Илина Димовска.

Овој настан е дел од проектот „Организирање, информирање и заштита на правата на средношколците во Македонија“ во партнерство со Младинскиот образовен форум од Скопје и ФООМ кој се спроведува во 8 градови низ земјава.